Македонија уште е далеку од замислата на Ричард Брансон

428

Милијардерот Ричард Брансон е заговорник на идејата за воведување на тридневна работна недела, во чие прифаќање се обидува да ги убеди лидерите во бизнис-заедницата, тврдејќи оти денешното доба на модерна технологија дава можност да се намали бројот на работни часови во седмицата. 

– Напорната работа е клучна, но уживањето во тоа што го имате е подеднакво важно – вели Брансон (неговото богатство се проценува на 4,1 милијарда долари), нагласувајќи ја потребата од релаксација, „полнењето на батериите“ и поврзувањето со блиските луѓе, за која тврди дека овозможува постигнување на рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот.

Ричард Брансон предлага тридневна работна недела

Мислењата за ваквата идеја се поделени, но се чини дека полека се отвора патот за нејзино остварување, бидејќи се зголемува бројот на компании што одлучија да воведат четиридневна работна недела. Тие ја применуваат ваквата практика на различни начини, преку работни денови со десетчасовна смена, или пак, скратена работна недела од 32 часа. Одредени распореди вклучуваат осум смени од по девет часа и една од осум часа, со слободни петоци. Идејата почнаа да ја тестираат синџири на брза храна и софтверски компании во САД, како и повеќе компании во Велика Британија.

Вработените во софтверската компанија „Вилдбит“ работат според 32-часовна работна недела, која вклучува четири работни денови, во изминатите две години. Скратената работна недела почна како експеримент, но се покажа како успешна идеја од која има придобивки.

– Го продолжувавме траењето на експериментот и кога ги согледавме резултатите по една година, сфативме оти успеавме да сработиме повеќе во таа година – вели Натали Нагели, извршната директорка на компанијата.

Таа смета дека дополнителниот слободен ден е клучен за одмор на работниците, додека компанијата научила како да биде поефикасна во скратената работна недела.

– В понеделник, сите трчаат на работа, на некој начин. Можете да спроведувате обврски и да обмислите нешта кои ве блокираат, и потоа в понеделник се чувствувате поспремни за обавување на работата. Го спроведуваме истиот обем на работа, само на попаметен начин. Не барам од работниците да работат помалку, туку тие го контролираат сопствениот распоред – објаснува Нагели.

Австралиската компанија за дигитален маркетинг „Верса“, пак, неодамна се пофали со успехот по воведувањето на „неработната среда“ која ја имплементира во Сиднеј, Мелбурн и во Сингапур.

– Нашата одлука да ја направиме средата неработна беше со одредена цел. Не сакавме да им дадеме на вработените долг викенд, туку пауза на средина на неделата, која овозможува да се зафатат со работа до вторник попладне, а потоа со нови сили да пристапат ударнички кон работата в четврток – истакна извршната директорка на „Верса“ Кет Блекхем.

Менувањето на работниот распоред донел позитивни резултати, бидејќи приходите на „Верса“ се зголемиле за 46 отсто, а профитот тројно, во изминатите 12 месеци.

Колку е прифатлива идејата за скратена работна седмица во Македонија и каков ефект би имала примената на четиридневната работна недела во земјава, се прашања што се наметнуваат по зачестените написи за примената на ваквата практика низ Европа и светот. 

Македонските работодавци, за „Нова Македонија“, неодамна истакнаа дека идејата би можела да се примени во одредени дејности, но дека таа ќе има сосема спротивен ефект во трудоинтензивните дејности. Тие исто така посочија дека според законот, работната недела сега трае 40 часа, и дека доколку се намали на 32, одредени гранки ќе претрпат преголеми загуби.

Идејата за скратена работна недела во последно време дојде до израз поради економските, општествените, здравствените и технолошките причини. Всушност, преоптовареноста со работа резултира со илјадници заболени од депресија секоја година, прекувремената работа го отежнува балансирањето меѓу кариерата и грижата за семејството, а покрај сето тоа, развојот на технологијата го трансформира концептот на работа и работен ден какви што ги знаеме денес.