Македонија го скрши отпорот на Чиле за да се пласира во наредната фаза

501

Македонската ракометна репрезентација се пласира во втората фаза од Мундијалот, откако го совлада Чиле со 32-29, по голема борба во денешниот меч од третото коло од групата Г, одигран во Каиро.

Избраниците на Данило Брестовац го скршија отпорот на јужноамериканската селекција во вториот дел, благодарение на зацврстувањето на одбраната во вторите 30 минути, откако Чиле го доби првото полувреме со 17-16.

Голманот Никола Митрески имаше одличен настап со 14 одбрани, додека капитенот Кирил Лазаров беше најефикасен кај Македонија осум гола, а Никола Костески и Жарко Пешевски постигнаа по пет погодоци. Кај Чиле се истакнаa Родриго Салинас кој реализираше осум удари и Себастијан Себалјос кој погоди седумпати.

Во втората фаза, Египет, Шведска и Македонија ќе играат во новоформираната група 4, во која ќе бидат и Белорусија, Русија и Словенија. Од таму, по нови три меча, двете најдобри селекции ќе играат во четврт-финалето.