Македонија го започнува скрининг процесот за пристапување во ЕУ

294

Македонија денеска го започнува скрининг процесот за пристапување во Европската унија(ЕУ).

Во Европската комисија(ЕК) во Брисел денеска заминува 40 члена делегација составена од претставници на повеќе министерства и институции, предводена од вицепремиерот Бујар Османи, која ќе го започне скринингот за поглавјето 23 – правосудство и фундаментални права. Во делегацијата ќе биде и министерката за правда Рената Дескоска.

Вицепремиерот Османи во неделата на прес-конференција рече дека почетокот на т.н. објаснувачки скрининг е пресвртната точка со која Македонија и формално го почнува последниот дел од патот кон ЕУ.

Отворањето на првото од 33 поглавја од првата фаза значи дека ќе има 33 посети на Брисел или над 1.000 луѓе кои ќе земат учество во овој објаснувачки скрининг. Потоа ќе се подготвува втората фаза или т.н билатерален скрининг што ќе биде уште покомплексен и пообемен.

Процесот се очекува да заврши до јуни 2019 година по што треба да започнат и преговорите за членство во ЕУ.

Со цел да можат да се вклучат сите кои сакаат и можат да помогнат во скринингот и преговарачкиот процес, Владата распиша оглас за создавање Регистар на надворешни експерти. До 10 октомври заинтересираните треба да достават работна биографија и мотивациско писмо со наведено поглавје или подтема за која има експертиза.

Администрацијата и институциите ќе бидат носители на овој процес, но неопходно е активно учество и вклучување на сите чинители на општеството и мобилизација на сите човечки ресурси со кои располага државата.

Советникот за евроинтеграциите Бојан Маричиќ кој е и главен технички преговарач вели дека целта е создавање база на експерти од едно или повеќе поглавја во правото на ЕУ за ангажирање на краток или долг рок, во текот на целиот процес.

ЕК во извештајот за земјава на 17 април годинава препорача Македонија да ги почне преговорите со ЕУ.

Европскиот совет на 26 јуни ја поддржа одлуката за условен почеток на преговори со Македонија, што треба да се отворат во јуни 2019. Тоа ќе зависи од исполнување на четири услови – спроведување на итните реформски приоритети, спроведување на Договорот за името, позитивен извештај на Европската комисија и одлука на Советот на ЕУ.