Кој ја постави „стапицата со мед“ што го предизвика скандалот „Ибица“?

1278
Скандалот „Ибица“ доведе до оставката на Хајнц Кристијан Штрахе

Германските медиуми во петокот објавија видео-снимка на која се забележува како австрискиот заменик-канцелар Хајнц Кристијан Штрахе од Партијата на слободата разговара со девојка која, наводно, е внука на руски олигарх, во луксузно одморалиште на Ибица. Австрискиот политичар на девојката и понудил исплатливи државни зделки во замена за поддршка за неговата кампања. Откако снимката излезе во јавност, Штрахе и неговиот сопартиец Јохан Гуденус, кој го договорил состанокот поднесоа оставки. А скандалот „Ибица“ доведе до најавите на германскиот канцелар Себастијан Курц за предвремени избори во септември, пренесува британски „Гардијан“.

Германските весници тврдат дека спорната снимка е автентична

Останува нејасно кој ја спровел внимателно испланираната тајна операција во која беше „уловен“ Штрахе. Иако видеото било снимено во јули 2017 година, тоа доспеа до медиумите минатата недела. Германските весници „Шпигел“ и „Зидојче цајтунг“ кои го добија видео-материјалот, одбија да го коментираат потеклото на снимката, со цел да ги заштитат изворите. Но, тие назначија руски преведувач и експерти да ја потврдат автентичноста на снимката. При соопштувањето на оставката, Штрахе го окарактеризира видеото како „стапица со мед поставена од разузнавачки служби“, а наведе и уште неколку осомничени кои можеле да знаат за видеото, меѓу кои е германскиот сатиричар Јан Бемерман.

Познато е оти партијата на Штрахе негува силни врски со Русија, па западните разузнавачки служби, наводно, го ограничуваа количеството на информации што го споделуваа со Австрија, откако Партијата на слободата ги презеде австриските министерства за внатрешни и за надворешни работи. Австриската опозиција инсистира на спроведување на истрага за скандалот, но додава оти таа ќе биде изводлива само доколку Херберт Кикл од Партијата на слободата го напушти министерството за внатрешни работи.

Познавачите на состојбата наведуваат дека скандалот во Австрија ќе има сериозни последици врз политичката ситуација во Австрија, а ќе влијае и врз претстојните избори за Европскиот парламент.