Коѕијас ќе ги информира лидерите на грчките партии за разговорите за името

411

Лидерите на грчките политички партии, еден по еден, ќе бидат информирани од шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас за разговорите во Виена и текот на преговорите за името. Наместо претседателите на партиите да ја посетат зградата на грчкото МНР, според грчките медиуми, Коѕијас брифинзите ќе ги оддржува во партиските штабовите.

За денеска напладне официјално е закажана средба со генералниот секретар на Комунистичката партија на Грција, Димитрис Куцубас, со што и ќе започне циклусот средби. Веројатно е дека денеска Коѕијас ќе се сретне и со лидерот на партијата Река, додека пак во текот на утрешниот ден се предвидени разговори со лидерката на ПАСОК и Движење за промена, Фофи Генимата и претседателот на Сојуз на централисти Василис Левендис.

Најголемата опозициска партија Нова Демократија ќе остане последна за информирање, откако лидерот Кирјакос Мицотакис одби да го прими Коѕијас и побара да биде информиран лично од премиерот, шефот на грчката дипломатија ќе се сретне со одговорниот за надворешна политика во партијата.

– Коѕијас средбите нема да ги започне со претседателот на најголемата опозициска партија како што одредува протоколот затоа што Кирјакос Мицотакис ја одби поканата, коментираше грчката државна ТВ ЕРТ.

Информацијата за средбите на Никос Коѕијас со претседателите на партиите во Грција, ја објавија грчките медиуми пред почетокот на преговорите во Виена.