Кои се четирите барања на Ким Јонг-ун за Путин?

1791

Блумберг

Автори: Џон Херсковиц и Олга Танас

Ким Јонг-ун веќе пристигна во Владивосток со неговиот блиндиран воз, а целта на неговата посета е да побара помош од рускиот лидер Владимир Путин, за да ги подобри односите со претседателот Доналд Трамп.

Облечен во црно палто, Ким беше пречекан со црвен тепих, еден ден пред официјалната средба со Путин, на првиот самит со рускиот лидер откако дојде на власт во 2011 година. Посетата, која се оствари речиси една година по поканата од руската страна, покажува дека Ким има алтернативни извори на поддршка по неговиот неуспешен состанок со Трамп во Ханој, на кој не се дефинираше јасно патот како Северна Кореја да го избегне американски предводеното меѓународно економско ембарго.

Иако Путин не располага со доволно пари за да ги сподели, и мали се шансите дека ќе направи потези што би ги прекршиле санкциите, или ќе предизвикаат нов конфликт со САД, Ким можеби ќе биде принуден да ги прифати руските заложби за дипломатска и економска поддршка. Но двајцата лидери не планираат да излезат со заедничка изјава или да потпишуваат договори, според Јуриј Ушаков, советникот за надворешна политика на Путин.

Ким порача дека самитот ќе биде „појдовна точка за продуктивни преговори за соработка“, пренесува „Вести ТВ“.

Листа со можните барања на Ким Јонг-ун

1. Дипломатски спас

Се случија многу промени откако Јосиф Сталин му помогна на дедото на Ким, Ким Ил-сунг, да ја формира Демократската Народна Република Кореја по крајот на Втората светска војна, вклучувајќи го распадот на Советскиот Сојуз и подемот на Кина како главна поддржувачка на Северна Кореја. Путин задржа дел од руското влијание врз Корејскиот Полуостров, ги прифати севернокорејските работници и учествуваше во нуклеарните преговори со шесте држави, но досега не оствари средба со Ким.
Ким и Путин ќе извлечат корист од сегашниот состанок. Ким сака да го заштити дипломатското реноме што тој го изгради во текот на повеќето нови странски посети лани, и да му покаже на Трамп дека има и други пријатели освен Кина.

За Кремљ состанокот е шанса да покаже дека Русија сè уште е главен играч во големите светски прашања со кои генерално се занимаваат Кина и САД. Георги Толораја, шефот на Центарот за азиска стратегија во руската академија на науките вели дека „за Путин важно е да остане во играта, а благодарение на корејското прашање има позитивни чекори во американско-руските односи“.

2. Олеснување на санкциите

Русија генерално го следи водството на Кина во однос на санкциите, со тоа што му се приклучи на Пекинг во поддршката за казните од ОН, кога Ким тестираше оружја за масовно уништување и побара олеснување по завршувањето. Правото на вето на Путин во Советот за безбедност на ОН може да му даде моќ да укине дел од санкциите врз основа на тоа дека тие ги кршат поставените заштити од „негативни хуманитарни последици“.

Сепак, Русија вети дека ќе ги почитува одлуките на Советот за безбедност и нема никаков сигнал дека Путин ќе ризикува да ги прекрши.

3. Исклучоци за привремени странски работници

Една од жалбите за санкциите врз Северна Кореја би можела да добие одредена руска поддршка, во врска со барањето на Советот за безбедност до државите да ги протераат сите севернокорејски привремени работници до крајот на годината. Северна Кореја испрати десетици илјади граѓани како работна сила во Русија и во Кина, така што режимот заработува над 500 милиони долари годишно, што е околу 1,5 отсто од неговата економија.

Северна Кореја сака Русија да им го продолжи престојот на работниците, како што порача рускиот пратеник Федот Тумусов за новинската агенција „Интерфакс“ откако се врати од посетата на Пјонгјанг. Ретко населените области на рускиот Далечен Исток силно зависат од овие работници особено во дрвната индустрија и градежништвото, па поради тоа властите беа поттикнати намерно да го игнорираат проблемот. Но санкциите наложуваат сите работници да бидат вратени назад до крајот на оваа година и речиси нема простор за отстапки.

4. Транспортни врски

Долгогодишните санкции, стагнацијата и претераните воени трошоци ја влошија состојбата на севернокорејската инфраструктура. Русија, која со Северна Кореја дели граница од 17 километри, бара од неа да го подобри пристапот до северно и јужнокорејските пазари.

Ким сака да го подобри железничкиот систем преку кој би можеле да се пренесуваат јужнокорејските производи до Кина и до Европа и да се обезбеди поширок пристап до минералните ресурси кои вредат околу шест илјади милијарди долари, според процените на Институтот за севернокорејски ресурси во Сеул. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, во декември, изјави дека Москва сака да соработува со двете држави за да ја подобри нивната железничка инфраструктура, за што ќе биде потребно повлекување на санкциите.

Ким можеби ќе се врати од посетата на Русија со ветување за проширување на граничните премини, како и реновирањето на мостот кој беше изграден речиси пред 60 години за да се овозможи движењето на тешките товарни возила. Кина и Северна Кореја отворија нов граничен премин на реката Јалу во април.

Со тоа што меѓусебната трговија се намали за над 56 отсто лани, Русија и Северна Кореја работат на пронаоѓање на нови механизми за стимулирање на трговијата без да се прекршат санкциите, како што пренесе во вторникот весникот „Комерсант“. Двете страни ќе тргуваат со стоки кои не се опфатени со санкциите и на тој начин ќе го избегнат ризикот од финансиски казни така што нема да користат пари, туку компензација. Ушаков, советникот од Кремљ, одби да даде коментар за овој извештај.
Андреј Ланков, експертот за Северна Кореја на универзитетот „Кукмин“ во Сеул, вели дека „Русија можеби е подготвена да им продава разни стоки кои западните фирми се плашат да ги пласираат на пазарот. Северна Кореја се смета за опасен партнер со кој компаниите се плашат да остварат соработка, дури и кога е дозволена“.

Подготвила: Билјана Здравковска