Како ЕУ го предаде Западен Балкан

624
Неодамнешниот самит поддржан од ЕУ не успеа да ги обнови преговорите помеѓу Косово и Србија

Вашингтон пост

Автор: Јасмин Мујановиќ 

Јасмин Мујановиќ, политикологот чија специјалност е политиката во југоисточна Европа, е автор на книгата „Глад и бес: кризата во балканската демократија“

ЕУ е на работ на голема криза која најмногу е вкоренета во неспособноста на бриселските институции, како и во цинизмот и провинцијализмот на членките. Ова е приказна за надменоста и предавството, на прекршените ветувања и кукавичлукот, но и приказна за „триумфот на немањето волја“.

Во изминатите 16 години, Брисел им ветуваше на земјите од Западен Балкан, кој воедно е најранлив и најнестабилен регион на континентот, дека „иднината на Балканот е во ЕУ“. Во текот на изминатата година, Брисел, сепак, драстично го промени курсот и целосно ја повлече идејата за понатамошно проширување.

Додека членките се подготвуваат за изборите во Европскиот парламент, проширувањето повеќе не е на дневен ред. Во 2018 година, Европската комисија безволно ја соопшти идејата за 2025 година како најран можен датум за нова рунда на проширување. Но во Париз, Емануел Макрон експлицитно порача дека нема да има прошируваме, барем не во блиска иднина. Дури и за Берлин, кој одамна се залага за влез на државите од Западен Балкан, идејата за проширување на ЕУ стана политички отровна.

Никој не тврдеше дека преостанатите земји од регионот, кои не се членки на ЕУ, како БиХ, Црна Гора, Србија, Косово, Северна Македонија и Албанија, се сигурни кандидатки за членство во блиска иднина. Но, ветувањето за „европска перспектива“ беше неизоставен дел од стратегијата на Брисел за да го насочи Балканот на патот кон политичките и економски реформи, но и да ги држи настрана неговите геополитички ривали, односно Русија, Кина, Турија и монархиите од Персискиот Залив.

Ваквиот шокантен пресврт не можеше да се случи во полош момент. Токму во јануари Скопје и Атина го финализираа нивниот речиси тридеценискиот спор за „прашањето околу името на Македонија“. Решението на спорот за името се должеше на револуцијата предводена од граѓанското општество во денешна Северна Македонија, чија цел беше соборувањето на тврдокорниот националистички-авторитарен режим кој речиси ќе ја втурнеше земјата во нова граѓанска војна.

Европските дипломати ги убедуваа Македонците дека доколку проголтаат ваков тежок залак, како што е промената на името на државата, тоа ќе значи забрзан пат кон членството во ЕУ и НАТО. Членството во НАТО е обезбедено, но неверојатно мали се шансите за идејата за влез во ЕУ, која е најголемата награда за луѓето во регионот.

Поедноставно кажано, ЕУ излажа, а владите и народите во регионот се бесни. Членките како Франција нагласуваат дека регионот не е подготвен за членството во најпрестижниот политички и економски блок во светот. Но ова не е ништо ново и не е план за спречување на порастот на гневот и огорченоста кои преовладуваат во сржта на Балканот.

Очигледниот успех на европската интеграција на земјите од поранешниот Варшавски пакт претставува неверојатен преседан. Но земјите од Западен Балкан не се на еднакво рамниште со оние од Источна Европа. Иако Источна Европа претежно беше авторитарна, на југоистокот од регионот долги години имаше еднопартиско владеење, и потоа следеше низа на регионални и внатрешни конфликти кои резултираа со околу 150.000 жртви меѓу 1991 и 2001 година.

Накратко, градењето на државите и промоцијата на демократијата во Западен Балкан требаше да биде постепено, трпеливо и одржливо. Но наместо тоа, регионот го доби европскиот модел за пристапување: технички ригорозна, но политички неефикасна програма. Ваквиот пристап им овозможи на пост-комунистичките елити од Балтикот до Јадранот да направат површински законодавни промени без да ги укинат нивните огромни протекционистички мрежи, да ги прекинат врските со организираниот криминал или да ја спречат корупцијата во секаква смисла.

Резултатот беше катастрофален. Основачките членки од Западна Европа велат дека е нарушено срцето на блокот од алармантното пропаѓање на демократијата на (југо)истокот од континентот. Но повеќето од неговите членки стравуваат од подемот на домашните ултрадесничарски партии што го истакнуваат Балканот како непосакуван регион кој треба да се чува настрана благодарение на големото автохтоно муслиманско население.

Во самиот регион, еден дел од нелибералната политичка елита ја користи шансата да се сврти кон новите, автократски заштитници во Москва, Пекинг и Анкара. Другиот дел, како што е сепаратистичкиот српски лидер од БиХ, Милорад Додик, го обновува политичкиот авантуризам во стилот на 1990-тите години, или ги разгорува мегаломанските сепаратистички планови.

Ако Западен Балкан навистина се оддалечи од евро-атлантската заедница, европските лидери ќе бидат единствените виновници. Ако целосно биде изоставен од ветувањето за интеграција, балканската политика брзо ќе стане безнадежна и опасна, особено за самата ЕУ.

ЕУ сè уште може да го промени курсот. Таа мора формално да ги започне преговорите за членство со Северна Македонија и со Албанија, а барем на Босна да ѝ даде кандидатски статус. Тоа моментно ќе ја стабилизира состојбата. Сепак, големата задача е да се создаде одржлив, долгорочен план за регионот кој не само што ќе вклучува сериозна посветеност кон либерално-демократските норми и практики, туку и агресивна одбрана од земјите како Русија.

Ако му се каже „не“ на Западен Балкан, тоа може да се одрази кај делови од зголемениот нативистички електорат во Европа, но не може да биде стратегија. Со ваквиот чекор, кризата само би се одложила.

Подготвила: Билјана Здравковска