Иронијата на превртливата светска политика за Либија

584

Осум години по соборувањето на Гадафи од власт, САД сега го поддржуваат новиот либиски моќник

Спајкд

Автор: Тим Блек

Типично каприциозна беше одлуката на Доналд Трамп да го поддржи генералот Халифа Хафтар, седумдесет и пет годишниот лидер на самопрогласената Либиска национална армија (ЛНА), во неговиот напад на либискиот премиер Фаиз ал-Сараџ кој ја има поддршката на ОН. Само неколку дена претходно, државниот секретар на САД, Мајк Помпео, изјави дека „највисоките ешалони во администрацијата се против воена офанзива и апелираше веднаш да се спречат ваквите воени операции“.

Да го разгледаме анализираниот коментар за љубовта на Трамп кон воените диктатори и заканата што тој ја претставува по меѓународниот поредок.

За волја на вистината, одлуката на Трамп да застане зад некогашниот сојузник на Гадафи во неговите напори да го собори од власта во Либија лидерот признаен од страна на ОН, не претставува кршење на меѓународниот консензус како што се чини на прв поглед. Точно е дека се работеше за невнимателен и збунувачки дипломатски потег, но има своја цинична логика.

Сепак, како што покажува минатонеделниот вербален испад на Сараџ за пасивноста на неговите меѓународни сојузници, либискиот лидер поддржан од ОН смета дека токму ова организација му го свртела грбот. Русија како членка на Советот за безбедност на ОН застана зад Хафтар, поради што организацијата мораше да бара прекин на огнот за минатонеделниот британски предводен напад. Но можеби најважно од сè е што Франција одамна го поддржува Хафтар, со тоа што тој веќе беше поканет на неколку неформални состаноци со претседателот Емануел Макрон, и наводно, добил воена помош. Ова е многу интересно затоа што Франција под власта на претседателот Никола Саркози ја предводеше интервенцијата против Гадафи во 2011 година заедно со Британија и САД и затоа се смета за главно влијание врз политичката иднина на Либија.

Хафтар, исто така, ја има поддршката од меѓународните сили. Источниот сосед на Либија, поточно воената диктатура на Египет, речиси веќе е во официјален сојуз со ЛНА, главно поради тоа што египетската држава има идеја за обединет фронт против исламистичките милиции кои оперираат во западен Египет и источна Либија.

Обединетите Арапски Емирати, иако не изразуваат толку отворена поддршка за ЛНА како Египет, се главните снабдувачи на Хафтар со оружје. Не е чудно што Трамп, веројатно сфатил од рамнотежата на моќта, дека Хафтар има поголеми шанси да ја обедини Либија, иако со силата на оружјето, за разлика од Сараџ.

Не значи дека ова ќе се случи со сигурност, затоа што западните милиции веќе се приклучија на одбраната на Сараџ, туку сепак, се работи за една посилна и војска со поголема поддршка. Ако на ова се додаде недоволното законско право на Хафтар, кое се заснова на тригодишното ослободување на Бенгази, борбата против исламистичките милиции, како и ИСИС (ЛНА всушност вклучува неколку салафистички милиции), тогаш брутална смисла има логиката на Трамп да го поддржи токму Хафтар.

Треба да се нагласи дека Сараџ не е целосно изолиран со тоа што Катар и Турција се неговите главни, па и моќни поддржувачи. Другите западни држави и натаму ја почитуваат одлуката на ОН дека Сараџ е легитимниот лидер на Либија. Но неговата позиција како човек поставен од страна на ОН е прилично формална, и е остаток од последниот обид на организацијата, направен на крајот од 2015 година, да ги обедини завојуваните фракции со сега веќе нефункционалниот Либиски политички договор (ЛПА).

Договорот се роди од политичкиот конфликт меѓу тогашните владејачки Генерален национален конгрес (ГНК) и Претставничкиот дом како законодавно тело чии избори (со излезност од само 18 отсто) во 2014 година самиот конгрес одби да ги признае. ОН презеде понатамошни чекори и ѝ ја наметна на Либија таканаречената Влада на национална спогодба предводена од премиерот Сараџ и Претседателскиот совет кој го сочинуваат девет министерски претставници од најмоќните либиски фракции.

Единствениот проблем беше што единственото избрано тело на Либија, Претставничкиот дом, сега прогонет во Тобрук, одби да го признае Советот или ГНА, или да ги санкционира министерските состаноци од кои повеќето во сите наврати го бојкотираа Претседателскиот совет. Така, конфликтот меѓу она што сега се смета за два центри на моќ во Либија, односно Сараџ во Триполи на западот и Претставничкиот дом (и ЛНА) на истокот, се повеќе се продлабочува и милитаризира.

Ова значи дека иако Сараџ е признаен за официјален лидер на Либија од страна на ОН, тој всушност е ограничен, така што во секаква смисла Либија повеќе не постои во кохерентна форма и сигурно не како обединет територијален ентитет со централна влада. Точно е дека откако Западот го поддржа соборувањето од власта на Гадафи во 2011 година, ОН се обиде и очекувано не успеа однадвор да формира стабилна централна влада. Но, силите во рамки на она што остана од Либија нема да го дозволат ова.

Важно е да не се заборави дека внатрешните сили се резултат на отстранувањето на Гадафи од власта, кое генерално беше поддржано и оркестрирано од западните држави и ОН. Без диктаторскиот режим на Гадафи, кој ги организираше разните фракции од истокот и западот, како и од племенскиот југ, Либија немаше национална кохерентност и авторитет. Ова резултираше со поделба по фракциските линии, разни видови на милициите ги презедоа претходните улоги на државната безбедност што доведе до долгата и крвава борба за регионална надмоќ. Економијата е мртва, инфраструктурата разрушена, а многу Либијци, особено младите, мечтаат за минимална стабилност и безбедност.

Во ваква состојба на поделби и мизерија, Либија постои како остра критика за западниот интервенционизам. Ваквото силно обвинение е подеднакво сериозно како повоените состојби во Ирак (2003) и во Сирија (2011). Па дури и многу повеќе од тоа со оглед што и покрај сè, овие нации сè уште едвај можат да се сметаат за држави за разлика од Либија.

Мрачната иронија на уништувањето на Либија, е што од 2011 година, таа уште повеќе стана егзистенцијален проблем за западните, особено за европските држави, отколку кога беше под власта на Гадафи. Прво, затоа што распадот на либиската држава беше шанса за исламистичките милиции, вклучувајќи ги ограноците на ИСИС, да го искористат нефункционирањето на законот и редот кои максимално го злоупотребија кога ја презедоа контролата врз градот Сирт на брегот на Средоземното Море во 2015 година. (За да се протера ИСИС беше потребна здружената американска воена офанзива во 2016 година, во која Сирт беше разрушен.)

Второ, затоа што само еден аспект од либиската економија процвета по 2011 година, а тоа е трговијата со луѓе. Одговорот на европските држави, преку ЕУ, беше да се финансираат либиската крајбрежна стража, милициите и безбедносните сили (кои честопати се исти) да ги задржат потенцијалните мигранти во бегалските центри и затворите во кои беа убивани и мачени. ЕУ, наводно, е силно вклучена во бруталниот третман на мигрантите, поради што неколку невладини организации тврдат дека е соучесничка во злосторствата против човештвото.

Уште помрачна иронија е што САД, Франција и останатите сега го поддржуваат Хафтар и ЛНА во обидот да се формира влада која ќе биде заснована на воена моќ, наместо на демократско право, со владетел многу сличен на оној кого славно го симнаа од власта само пред осум години.

Подготвила: Билјана Здравковска