Зошто никој не може да победи на изборите во Израел?

449
Можеби првпат по една деценија постојат големи шанси Бенјамин Нетанјаху да не е премиер на Израел

Си-ен-ен

По вторите парламентарни избори годинава, не е јасна политичката иднина на Израел. Можеби првпат по една деценија постојат големи шанси Бенјамин Нетанјаху да не е премиер на Израел. Од 2009 година, Нетанјаху манипулираше со израелската политика во негова корист, но сега изгледа дојде крајот.

Откако не успеа да обезбеди владејачка коалиција на априлските избори, тој побара повторни избори наместо да дозволи нов премиер да застане на чело на државата. По тримесечната кампања на сеење поделби, во која ги обвини арапските граѓани дека краделе гласови, неговиот противник го окарактеризира за психички нестабилен слаб левичар и се жалеше на масовна изборна измама, Нетанјаху сега е уште подалеку од формирање на влада отколку што беше пред пет месеци. За да го добие парламентарното мнозинство мора да формира коалиција со помалите партии. На априлските избори доби 60 пратенички места, а сега само 55.

Бени Ганц, чија партија на Сино-белите има две пратенички места повеќе од Ликуд на Нетанјаху, можеби има малку поголема поддршка, но ниту тој нема јасни шанси за коалиција. Заедно со Демократската унија, работничките и арапските партии, Ганц ќе има само 57 пратенички места, иако не е извесно дали со сигурност ќе ја добие поддршката на арапските партии.

Поранешниот министер за одбрана Авигдор Либерман, кај кого е одлучувачкиот глас, одби да биде во сојуз со арапските партии или со ултраортодоксните верски партии што значи дека Нетанјаху и Ганц се во ќорсокак, а со нив и Израел.

Јоханан Плеснер, претседателот на Израелскиот институт за демократија, вели дека „сè што се случува во израелскиот политички систем во изминатава година е досега невидено“.

– Државата никогаш немала премиер кој и натаму е на власт по обвиненијата на јавниот обвинител (за кои се закажани сослушувања – н.з.). Прв пат еден партиски лидер победил на избори, го добил мандатот од претседателот да формира влада, но не успеал во намерата. Никогаш претходно Кнесетот не се распуштил уште пред владата да биде формирана. Можеме само да се надеваме дека нашите политички лидери ќе се однесуваат одговорно и нема да дојде до историски трети парламентарни избори – додаде Плеснер.

Три политички часовници го одбројуваат времето во Израел.

Првиот и најгласниот е правниот часовник на Нетанјаху. Премиерот се соочува со можно обвинение за корупција во три одделни криминални истраги. Првичното сослушување е закажано за две недели, а потоа јавниот обвинител ќе донесе конечна одлука пред крајот на годинава. Нетанјаху постојано ги негираше обвиненијата. Тој ќе стори сè во негова моќ да ја задржи функцијата на која ниеден претходен израелски премиер не се задржал толку долго.

Вториот часовник одбројува дали Кнесетот ќе распише нови избори. Ако ниту Нетанјаху и ниту Ганц не формираат влада, претседателот може да назначи друг член на Кнесетот да го стори истото. Ако и тоа се покаже неуспешно, тогаш автоматски следат нови избори кои би требало да се одржат средината на март или почетокот на април.

Третиот часовник одбројува за Ликуд, партијата на Нетанјаху. Како што станува појасно дека нема јасен пат за формирање на влада, ќе има притисок врз Ликуд да го замени досегашниот лидер. Оваа одлука нема лесно да се донесе, а всушност и никогаш претходно не била донесена.

Израел досега успеа да се одржи затоа што има силна економија, а воената хиерархија функционира независно од политиката. Но неизвесноста полека води кон хаос кој на крајот ќе ја зафати целата нација.

Плеснер вели дека „речиси една година Израел е замрзната држава. Новите програми не можат да се усвојат, сериозните процеси не се спроведуваат, а долгорочните планови не се прифаќаат. Исто така е замрзнат процесот на назначувањето на високи функционери. Државата сè уште не е во хаос, но време е лидерите да формираат широка влада што ќе се справи со сериозните предизвици со кои се соочува Израел“.

Подготвила: Билјана Здравковска