Зошто Курдите го плаќаат цехот за американските грешки?

655

Рамнотежата на моќта во сириската војна бргу се менува откако почна турската воена операција „Мирна пролет“ во североисточниот дел на Сирија воглавно населен со Курди, пишува „Нешнл интерест“.

Последната одлука на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп е потсетување дека САД всушност не ветиле воено покровителство на неодредено време, ниту пак се заложиле да обезбедат спогодба за автономија на Курдите. Во одредена мера, Америка ги поддржа Курдите како военоспособна сила против притаените ќелии на Исламска држава, заради стекнување на предност во однос на режимот на Башар ал Асад, како и заради ограничување на иранското и руското влијание во Сирија. Но големиот пресврт во политиката на САД сега ги доведува во прашање овие цели. Затоа се поставува прашањето што згреши Америка во нејзината надворешна политика во Сирија.

– Вашингтон предолго веруваше дека може да направи привидна разделба помеѓу Курдската работничка партија и Народните заштитни единици на Курдите, иако Турција принесе докази во прилог на нејзините безбедносни грижи. Америка всушност ги доведе Курдите во незавидна положба преку серија погрешни чекори – пишува Нешнл интерест.

Како што стивнуваше војната во Сирија и Исламската држава беше победена, САД пропуштија прилика да го обноват балансирањето помеѓу долгорочниот конвенционален сојузник Турција од една страна и Курдите од друга страна. Американските власти можеа да направат многу повеќе со менувањето на нивната стратегија, односно преку убедување на курдската Партија на демократско единство да дејствува во границите на Сирија, наместо да ги спроведува интересите на Курдската работничка партија чие седиште е во северен Ирак.

Доколку се случеше промена во динамиката помеѓу курдските партии, можеби преку заткулисен договор помеѓу Турција и САД врз основа на вредностите од таква заедничка политика, наместо Америка да ги доведува во заблуда преку пораките кои ветуваат нејзина долгорочна обврзаност, тогаш Курдите во Сирија ќе уживаа поголема стабилност кон крајот на војната во Сирија.

Додека многумина во Вашингтон жалат поради губењето на курдските сојузници во Сирија, поголема штета нанесе губењето на стратешката предност на САД во државата, во ситуација кога Русија го зголемува влијанието во регионот.