Зеќири: Напаѓачите ме бараа и мене, но не успеаја да ме пронајдат

2418

Пратеникот Мухамед Зеќири во својство на сведок на денешното судско рочиште за нападот врз пратеникот Зијадин Села го препозна обвинетиот Александар Јаневски-Тошта.

На сослушувањето, Зеќири посочи дека Села бил удрен со тврд предмет, но оти не можел да види кој го фрлил. Според Зеќири, обвинетиот Јаневски, кој тој ден носел црн елек и очила, го повлекол Села за рака и го изнел надвор од прес-салата.

За време на сослушувањето, Зеќири рече дека кога толпата влегла во прес-центарот во Собранието, тој бил во една од кабините за превод во галеријата и оти откако Села го изнеле од прес-салата, веќе не го видел. Зеќири посочи дека дел од пратениците кои го виделе Села, мислеле дека станува збор за него, бидејќи и двајцата имаат иста долга коса.

– Од колешка новинарка на мојот мобилен телефон добив порака дали е точно дека Села е мртов. Јас и одговорив дека не знам – рече Зеќири.

Тој го посочи и обвинетиот Сашо Сенков, за кого рече дека откако првиот го фатил за рака, му се доближил заедно со други лица со цел да го изнесат надвор од прес-центарот.

Зеќири рече и дека од кабината каде бил, слушнал како толпата го бара и него.

– Јас лично не бев нападнат бидејќи толпата не стигна до мене – истакна Зеќири, додавајќи дека бил во галеријата се додека не почнала евакуацијата.

На забелешка на одбраната дека во исказот пред ЈО не го објаснил извлекувањето на Села, Зеќири рече дека не се сеќава точно на исказот, но оти стои зад се што кажал пред обвинителството и пред судот.

Претходно, денеска сведочеше и Абдулфетах Аљими, како сведок на обвинителството. Тој препозна двајца од обвинетите – Александар Јаневски – Тошта и Кире Георгиевски.

Во овој случај обвинети се Кире и Цеко Ѓорѓиевски, Оливер Ошавковски, Саша Сенков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов и Стојан Павловски – Кобра. Обвинетите за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села на претходите рочишта се изјаснија за невини. Тие пред Судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат виновни и оти тоа ќе го докажат во натамошната постапка.