Западот попусто ги темели надежите за косовскиот спор врз Преспанскиот договор

502

Можниот договор помеѓу Косово и Србија, во каков било облик, ако воопшто дојде до него, никогаш не би можел да се поистовети со Преспанската спогодба, која Западот во повеќе наврати ја посочуваше како пример што Белград и Приштина би требале да го следат за решавање на нивниот спор. „Њу истерн јуроп“ наведува три причини зошто евентуалниот косовско-српски договор не би можел да биде „копија“ на македонско-грчката спогодба.

Договор што соединува и договор што раздвојува

Дали тоа им се допаѓа на Македонците или не, Грција е нивни сосед, а најголемата грчка покраина се нарекува Македонија. Имињата можат да опстојат едни покрај други, а ако коегзистенцијата создаде нетрпеливост, таа се решава лесно. Но, не постојат лесни решенија кога во прашање се територијалните прашања. Ова се однесува на предлогот за размена на територии помеѓу Косово и Србија, што би ги направил двете страни етнички хомогени во поголема мера. Извесно е дека тоа решение би го нарушило статусот кво помеѓу Србија и Косово. 

Залудната потрага на Западот по „балканскиот Никсон“

Поголемиот дел од светските лидери поддржуваат договор што не постои на хартија, бидејќи веруваат дека може да биде постигнат одреден компромис помеѓу Белград и Приштина. Ваквите уверувања се темелат на идејата според која потребно е убедување на само една страна – српската, односно дека српскиот претседател Александар Вучиќ би можел да одобри евентуален договор. Како во случајот на поранешниот американски претседател Ричард Никсон и неговата посета на „кинескиот непријател“ во 1972 година. Западот се надева дека Вучиќ би можел да ги убеди Србите оти договорот поддржан од патриотски настроениот претседател не може да биде лош. Но, Западот заборава дека сличниот пристап не успеа во Македонија, со претходниот премиер Никола Груевски, од кого западните земји очекуваа да ја постигне непопуларната спогодба со Грција.

Додека Западот се двоуми, Русија ги знае одговорите

Додека Препанскиот договор веќе се имплементира, размената на територии помеѓу Србија и Косово е далеку од реализација. Францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел истакнаа противење кон менување на границите, на неодамнешниот самит во Берлин. Ова е потсетување дека постои опозиција за ваквата идеја дури и на Западот. А додека Западот е поделен по прашањето, Русија има јасен став – строго се противи на ваквата идеја. За споредба, Преспанскиот договор имаше потполна поддршка од Западот.