Заев: Отпочнувањето на преговорите ќе влијае позитивно на целиот регион

135

Отпочнувањето на преговорите со ЕУ ќе влијае позитивно на цел регион како интегрален дел од Европа и како признание за напредокот на реформите во Северна Македонија, изјави премиерот Зоран Заев кој денеска одржа поздравен говор на конференцијата Самит на Западен Балкан – „Зацврстување на моментумот за Европска интеграција“, во организација на угледниот магазин „Економист“.

Заев, на конференцијата на која учествуваат голем број гости од земјата, регионот и светот, говореше на темата „Стабилност и раст во Југоисточна Европа – дали сме на вистинскиот пат?“.

Во поздравниот говор Заев истакна дека добрата вест за отпочнување на преговори со ЕУ ќе влијае позитивно на целиот регион, а ќе биде добра вест и за ЕУ затоа што ние носиме ентузијазам за важната улога што ја игра Унијата како глобален актер и ја потсетуваме на своите изворни вредности за партнерство, солидарност и заеднички просперитет.

Премиерот во поздравното обраќање нагласи дека во неговиот мандат објавил повеќе добри вести, а една од најдобрите е решавањето на спорот со Грција.

 – Секогаш ќе се сеќавам на 17 јуни во Преспа кога заедно со Алексис Ципрас кренавме раце како вистински партнери и пријатели кои им соопштуваат добри вести на своите држави. Оваа година во февруари стапи на сила Договорот од Преспа, со што се реши 27 годишниот спор што го имавме со Грција – рече Заев.

Премиерот оцени дека сега имаме исклучително добри односи со Грција, и сериозно подобрена билатералната соработка. Тој изрази верување дека Договорот од Преспа е корисен пример за многу други отворени прашања. Дополнително, нагласи Заев, овој договор е катализатор на промени бидејќи сведочи за нов трансформативен процес на Балканот.

 

– За мојата земја, овој договор заедно со договорот за добрососедство со Бугарија ги отвори вратите кон постигнување на стратешките цели: членство во НАТО и ЕУ. Република Северна Македонија ја доби добрата вест дека ќе биде триесеттата членка на НАТО набргу. Да бидам искрен, понекогаш бргу забораваме каде сме биле пред само две-три години а каде сме денес. Мојата политичка кариера е сведоштво дека морате да земете длабок здив и кога е најтешко, и да не заборавите дека во вашата визија се граѓаните кои живеат поквалитетно и посреќно само заради неколку храбри чекори кои сте спремни да ги преземете – изјави Заев во обраќањето.

Говорејќи за економијата, Заев индустриското производство во државата се зголемило за осум проценти откако оваа Влада стапила на власт, и продолжува да расте.

– Успеавме да ја намалиме невработеноста и таа во моментов е на историски на 17,5 проценти со индикација дека ќе оди надолу. Растот на бруто-домашниот производ во првата половина од годината е 3,6 отсто и очекуваме негово зголемување годинава – рече Заев и додаде дека Владата исто обрнува големо внимание и на приватниот сектор.