Заврши топлото добредојде за чуварите на сириската нафта

1903

Лидерката на сириските Курди Илхам Ахмед има неколку услови за Американците по годините на капитулирање кон нивните барања

Сириските Курди загубија 11 илјади борци во американската кампања против Исламската држава. Тие се согласија да преговараат со режимот на Башар ал Асад. А во неделите во пресрет на турската офанзива, ја расформираа одбраната долг турската граница, пишува „Форин полиси“.

За претседателката на извршниот комитет на Сирискиот демократски совет (СДЦ), Илхам Ахмед, токму затоа беше шок кога американскиот претседател Доналд Трамп се тргна настрана додека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го почна упадот во северна Сирија, во акција, во која според Ахмед, досега се убиени барем 250 Курди, а 300 илјади беа принудени да ги напуштат своите домови. Уште 300 луѓе, пак, се водат како исчезнати. 

По ненадејното повлекување, Трамп направи уште еден „свиок“, најавувајќи ја намерата да задржи мала американска единица во Сирија со цел да ги оневозможи Асад и неговите поддржувачи од Иран од освојување на богатите нафтени полиња во регионот. Но овојпат, сириските Курди нема лесно да се согласат со американските барања. 

– Ако американското присуство во областа нема да биде од наша корист во поглед на стабилноста, безбедноста и во запирањето на геноцидот и на етничкото чистење, тогаш тие нема да бидат добредојдени – порача Ахмед во разговорот за „Форин полиси“.

Не е јасно дали Курдите имаат средства да ја сопрат американската војска од задржување на присуството во северна Сирија. Но, нивната предност се должи на руската поддршка, а Москва нема да гледа благонаклонето кон американското присуство во близина на нафтените полиња.  

Покрај гаранцијата од американскиот претседател дека нејзиниот народ ќе биде безбеден, Ахмед исто така сака Обединетите нации да ја признаат СДЦ како легитимна политичка партија и да го поддржат нејзиното присуство во новооформениот уставен комитет на Сирија.

Предложен за време на мировна конференција одржана во Русија минатата година, комитетот надгледуван од ОН, има задача да го преправи сирискиот устав. Групата од 150 члена се состои од претставници од опозицијата поддржана од Турција, од сириската влада и од граѓанските здруженија, додека автономниот регион на Курдите беше изоставен.

– САД ни помогнаа на воен план, но никогаш на политички – вели Ахмед, која бара средба со Трамп во Вашингтон. 

Илхам Ахмед