ЕУ поделена околу прашањето за преговорите

2551

Земјите-членки на Европската Унија се уште се двоумат за започнување на преговори со Македонија и со Албанија за влез во блокот, додека Кипар се закани дека ќе стави вето на какво било идно проширување, доколку ЕУ не ја заостри својата реторика околку турското ископување на нафта во близна на островот, пишува „Ројтерс“.

Европските министри на 28-те земји од ЕУ денес ќе се сретнат во Луксембург за да дискутираат за започнување на преговори за членство со двете земји, една година откако Франција и Холандија го блокираа членството, барајќи повеќе реформи поради стравувањата дека започнувањето на преговори со Македонија и со Албанија би ги разлутило домашните парламенти и гласачи.

Оттогаш, Македонија го потпиша договорот од Преспа со Грција, со што го затвори долгогодишниот спор за името, а како резултат на тоа дузина земји-членки на ЕУ јавно повикаа за започнување на преговори поради постигнатиот договор.

Исто така, во прашање е и кредибилитетот на Европската Унија и подготвеноста на блокот да делува против, како што го гледаат, зголеменото влијание на Русија и други странски сили во регионот кој во 1990-тите години беше зафатен од војни.

Но, дипломатите пред состанокот не успеаја да постигнат заеднички договор и да дадат крајно мислење, за кое е потребно да се постигне едногласен договор од сите членки на ЕУ.

– Има големи несогласувања и не е сигурно дали сите министри ќе успеат да најдат заеднички договор – изјави вчера еден европски дипломат.

Недоразбирањата беа во однос на последниот нацрт-текст, вклучувајќи го тоа каде ќе стои дека проширувањето на ЕУ исто така ќе зависи и од можноста на блокот самостојно да се реформира и ефективно да интегрира било кои нови членки.

Најновиот и се уште оспорен нацрт текст, би ја одложил одлуката за Македонија и Албанија, веројатно за октомври, откако германскиот парламент ќе го разгледа прашањето.