Еден милион приведени на границата помеѓу САД и Мексико за една година

46

Еден милион луѓе се приведени во САД на границата со Мексико од октомври 2018 година досега, што е највисока цифра за 12 години, изјави шефот на американската гранична полиција.

– Операциите на југозападната граница на САД достигнаа речиси еден милион за фискалната 2019 година, што заврши кон крајот на септември – изјави Марк Морган на прес-конференција во Вашингтон.

САД во 2019 година се соочуваат со нелегален влез од Мексико, пред се граѓани на централна Америка кои бегаат од насилство и сиромаштија. Тој прилив предизвика криза на границата со преполни центри за прием и очајни санитарни услови. Приведувањата на границата достигнаа врв од 144.000 во мај. Оттогаш, бројот на приведени се намали на 52.000 во септември.

Администрацијата на претседателот Доналд Трамп, која дава приоритет во борбата против нелегалната имиграција, гради ѕид долж границата со Мексико од 3.200 километри. Вкупно, 115 километри се опремени со нов безбедносен систем кој вклучува физичка бариера, осветлување и патишта за патролирање, рече Марк Морган. Тој додаде дека до 2020 година, кога Трамп ќе излезе на гласање за втор мандат, очекува тој систем да биде продолжен на 700 километри од границата.