До 2050 година сите екстремно сиромашни луѓе ќе живеат во Африка

208

Нова студија на фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“ најавува дека до 2050 година 90 отсто од најсиромашните луѓе ќе живеат во Подсахарска Африка.

Фондацијата објавува „Голкиперс Репорт“ секоја година непосредно пред Генералното собрание на Обединетите нации(ОН) во Њујорк.

Стручњаците анализирале мноштво податоци(детска смртност, глад, сида, маларија, хигиена и приходи). Тие констатирале дека во изминатите 20 години условите константно се подобрувале, но сега предвидуваат влошување.

– Неверојатниот напредок што до сега беше постигнат би можел да запре – пишуваат основачите на фондацијата.

Своите стравувања стручњаците ги образложуваат со демографскиот тренд – фактот дека популацијата најбрзо расте во најсиромашните делови на светот.

– Таму каде што е најтешко да се води здрав и продуктивен живот се раѓаат најмногу деца – изјави Бил Гејтс во телефонски разговор со новинарите. Поради тоа бројот на сиромашни во светот расте.

Во изминатите 20 години напредокот доаѓаше во бранови. Со првиот благосостојбата порасна во Кина, со вториот во Индија. Азија полека излегува од бедата, а најголема концентрација на сиромашни има во Африка, единствениот континент каде што населението значително расте.

До 2050 година речиси 90 отсто од сиромашните луѓе ќе живеат во Подсахарска Африка, а половина од тој број во две земји: Демократска Република Конго и Нигерија, прогнозира студијата.