ДЗС предлага пописот да се пролонгира до април 2021 година

52
Фото: Дарко Андоновски

Државниот завод за статистика (ДЗС) предлага пописот да се пролонгира до април 2021 година, а Законот за попис да биде донесен пред формирање на техничка влада. Од таму велат дека согласно меѓународната пракса, активностите за попис и за избори не можат да се одвиваат паралелно, имајќи предвид дека се закажани предвремени парламентарни избори за април, следната година.

– Во однос на пописот на население, домаќинства и станови, Државниот завод за статистика информира дека, согласно воспоставената меѓународна пракса и искуство, пописните и изборните активности не можат да се одвиваат паралелно. Во таа насока, Државниот завод за статистика ќе даде предлог до Министерството за правда, кое е официјален предлагач на Законот за попис на население, домаќинства и станови, периодот на спроведување на пописот да се пролонгира за април 2021 година, а Законот за Попис на население, домаќинства и станови да биде донесен пред формирање на техничката Влада – се наведува во соопштението.

Од Државниот завод за статистика велат дека се подготвени за разгледување на можностите за усогласување на сите отворени забелешки поврзани со пописот со сите релевантни чинители во државава.

Првично беше предвидено пописот да се одржи на 1 април 2020 година, но поради вонредните избори од Заводот неколку пати изјавија дека нема да биде можно да се спроведе во ек на изборна кампања. Пописот е предвидено да чини 8,5 милиони евра и да се спроведе по електронски пат и со теренско попишување.