Дали Филипини ќе тргнат по македонскиот пат?

913
Претседателот Родриго Дутерте го актуелизира предлогот за промена на името

Претседателот Родриго Дутерте ја актуелизира дебатата за промена на државното име на Филипини во Махарлика, со цел азиската држава да се ослободи од колонијалното минато, предизвикувајќи поделени мислења меѓу Филипинците, пренесуваат тамошните медиуми.

– Не можеме да сториме ништо, бидејќи Филипини беа откриени од Магелан со парите на кралот Филип Втори (по кого Филипини го добија името – н.з.). Кога идиотите дојдоа, тие ја именуваа нашата земја Филипини. Но тоа е во ред, бидејќи еден ден ќе го смениме името – кажа на неодамнешно обраќање Дутерте, кој смета дека Махарлика е добар назив бидејќи означува спокојство и мир. 

Филипинскиот Конгрес најави дека ја разгледува можноста за усвојување закон за промена на името, со што за промената ќе треба да се изјаснат и Филипинците на референдум. Предлозите за промена на името се актуелни од 70-те години на минатиот век, а предлогот стигнал и до филипинскиот парламент во 1978 година, но никогаш не бил изгласан. Махарлика е термин што ги означува феудалците-воини во древното општество на Филипини.

Идејата за промена на името, која всушност потекнува од починатиот диктатор Фердинанд Маркос, предизвика негодување меѓу филипинските иселеници, особено меѓу оние во Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) кои сметаат дека „нивната држава ќе биде заборавена, доколку дојде до промена“.

– Не знам откаде им е името Махарлика. Тоа не ми значи ништо. И мислам дека не е добро да се менува името. Луѓето ги знаат Филипини како Филипини – вели Филипинката Џина Хавиер која живее во ОАЕ.

Дел од филипинските политичари, исто така, се противат на промената, посочувајќи оти нивната земја, моментно, има поважни прашања, како што се одбраната на суверенитетот, невработеноста и лошата инфраструктура. Други, пак, сметаат дека азиската држава не треба да го отфрли колонијалното минато кое е нераскинлив дел од нејзината историја.

Филипини, кои беа шпанска колонија 350 години, го добија сегашното име по шпанскиот крал Филип Втори. Тие биле именувани од истражувачот Руј Лопез де Вилјалобос во 1543 година, кога Филип бил престолонаследник на шпанската круна. 

Познавачите на состојбата истакнуваат дека Дутерте, преку предлогот за помена на името, всушност, има цел да покаже дека уште поседува моќ, откако се појавија шпекулации за неговото здравје.

Медиумите што се занимаваат со филипинското прашање ги посочуваат примерите на Свазиленд и на Македонија, како држави кои неодамна ги сменија имињата. М.Ж.