Вистински лидери навистина постојат: Џасинда Ардерн со утеха и цврстина ја води потресената нација

447
Џасинда Ардерн се соочи со тест како малкумина новозеландски лидери претходно

Триесет и осум годишната премиерка беше ставена на тест како ниеден друг новозеландски лидер претходно со најлошиот терористички напад што се случи во поновата историја на државата, пишува британски „Гардијан“

Веднаш по немилиот настан во кој вооружен напаѓач уби 50 лица во две џамии во центарот на Крајстчрч, премиерката Џасинда Ардерн свика прес-конференција за да ѝ се обрати на ужалената нација. Ова беше значаен настан во нејзината лидерска кариера. Триесет и осумгодишната премиерка се соочи со тест како малкумина новозеландски лидери претходно, со тоа што е на чело на држава која се справува со најлошиот терористички напад во нејзината понова историја.

На петочната молитва имаше педесет жртви, а десетици беа повредени. Некогаш мирната држава сега е во длабок шок. Гласот на Ардерн на моменти затреперуваше додека таа се обраќаше пред нацијата, но нејзината порака за единство и сочувство покажа цврстина.

– Можеби за тебе ние бевме цел, но ние никогаш нема да те прифатиме и те осудуваме – изјави гневно Ардерн мислејќи на убиецот.

До саботата наутро таа беше на терен во Крајстчрч заедно со повеќето од нејзините министри во кабинетот и опозициските лидери. Со црна шамија со златни везови на главата, премиерката се сретна со членови на муслиманската заедница погодена од трагедијата. Таа ги прегрнуваше додека плачеа, им шепнуваше зборови полни со утеха и им изразуваше поддршка. Видео-снимката од нејзиното сочувство го обиколи светот.

Одејќи рака под рака со ужалените, Ардерн сочувствуваше со трагедијата во оваа заедница. Наводниот убиец Брентон Тарант не ги претставува вредностите и верувањата на Нов Зеланд, порача таа. Кратко и едноставно кажано „тој не е еден од нив“.

– Секојдневието во Нов Зеланд по нападите не е полно со омраза и гнев, напротив јасна е желбата дека народот може и сака да се справи со трагедијата и да закрепне. Таа покажа тивко, силно лидерство и веднаш фокусот го стави на грижата за оние што беа најмногу погодени од трагедијата. Убиецот едвај се спомена – изјави професорката Џенифер Куртин, директорката на институтот за јавна политика на универзитетот Оукленд.

Пол Бјукенан, експертот за безбедност во невладината организација „36-та Паралела“, порача дека силата на Ардерн е во нејзината емпатија, а таа „одлично“ се покажа во тој поглед во време на криза. Бјукенан вели дека таа исто така е вешт делегат со тоа што ги препушти безбедносните извештаи и испитувањата за убиецот на искусните и доверливи колеги за да може да ја врати на нозе потресената држава.

– Таа е како мајка на нацијата. Кога станува збор за вакви настани, мислам дека таа покажа совршено однесување. Начинот на кој Трамп и останатите држат силни говори по терористички напади, се гледа дека е преправање. Понекогаш целта е да се прикријат слабостите, а понекогаш се работи за желба за одмазда. Ардерн не покажа ништо од ова. Се работи за лидерство со стил што особено му прилега на Нов Зеланд. Нов Зеланд има сериозна темна страна и расизмот постои. Но тоа што таа го прави, ни дава шанса да се соочиме со демоните, темнината и да се промениме – вели Бјукенан.

Јасност и одлучност

Таа истовремено покажува топлина и челична цврстина. На прашањето каков одговор ќе даде на коментарите на еден австралиски сенатор кој сакаше да ги обвини муслиманите за нападот, Ардерн едноставно го нарече „срамота“. Таа постојано зборуваше за потребата да се спречи говорот на омраза и насилството на социјалните медиуми пред да се случат нападите. Видео-снимки од местото на масакрот директно се споделуваа. Не може сите да остварат некаква корист, а притоа да не се преземе одговорност“. Во обраќањето пред парламентот во вторникот, Ардерн започна со оддавање почит на арапски јазик со зборовите „Ас салем алејкум“ што значи „Мирот нека е со вас“.

– Една од улогите кои никогаш не очекував да ги добијам и се надевав дека тоа никогаш нема да се случи е да морам да ја изразам длабоката тага на нацијата – наведе таа во говорот.

Одбивајќи да го спомене името на осомничениот, таа не му даде никаква важност, со тоа што апелираше да се споменуваат имињата на жртвите, и нагласи дека „никогаш нема да го спомене неговото име“.

На домашната политичка сцена, дури и најжестоките критичари на Ардерн молчеа. Сем Сачдева од „Њузрум“ изјави дека настанот во преден план ги ставил „јасноста и одлучноста“ на премиерката додека „Њу Зеланд хералд“ наведе дека нејзиното лидерство покажало „утеха и цврстина“. Оние ширум светот што го следеа настанот, кои ја знаеја Ардерн само како втората лидерка што родила дете за време на мандатот, изминатава недела увидоа како таа ја води својата држава со човечност и со решителност.

Сликата на Ардерн со шамија на главата фотографирана низ еден валкан прозорец веднаш се рашири низ светот и стана симбол за нејзиното лидерство по немилиот настан. Списанието „Крајсис“ на Националното здружение за напредок на обоените луѓе на Твитер ја сподели сликата на Ардерн со описот: „Љубезност. Достоинство. Храброст. Вистински лидери навистина постојат“.

Австралискиот новинар Питер Фицсимонс изјави дека Австралијците посакуваат да имаат лидер како Ардерн.

– Вашата премиерка се истакнува во меѓународни рамки како лидер што ги инспирира луѓето ширум светот. Нејзиниот став, челичната одлучност и најважно, јазикот на вклученост и диверзитет се за почит – додаде тој.

Австралискиот телевизиски водител Ошер Гансберг напиша: „за неколку месеци Австралија ќе одржи парламентарни избори. Ве молам понудете кандидат како Џасинда Ардерн“.

Посветеноста на Ардерн за да го реформира законот за оружје во Нов Зеланд пред да се случи масакрот, исто така е за почит, како што Дејвид Хог, преживеан во масакрот во училиштето во американскиот град Паркленд и поборник за контрола на оружјето меѓу тинејџерите, ја сподели на Твитер сторијата за нејзиното ветување дека во рок од 10 дена ќе започнат законските измени за контрола на оружјето и притоа во делот за опис наведе „Замислете“.

Премиерката в среда ја закажа повторната посета на Крајстчрч за да ја увери заедницата дека никогаш нема да се заборави тоа што таму се случи. Таа веќе најави дека се изготвуваат законите за намалување на достапноста на полуавтоматско оружје, како и дека ќе следи финансиска и логистичка помош за погребните трошоци и дека брзо ќе се обезбедат визи за роднините кои сакаат да пристигнат во Нов Зеланд за да ги испратат блиските.

Во поголем дел од времето таа ќе биде во Крајстчрч за да им биде на располагање на луѓето на кои им е потребна. Во вторникот кај импровизираниот споменик во паркот Хагли каде што дрвјата беа украсени со хартиени синџири, граѓаните на Крајстчрч едногласно го поздравија „смирениот и сочувствителниот“ одговор на Арден за маскрот. Муслиманските лидери велат дека нејзиното лидерство ја сплотило нивната заедница и направило да се чувствуваат дека Нов Зеланд е, и секогаш ќе биде, нивен дом.

– Според мене, да се биде граѓанин на Крајстчрч е полошо од природна катастрофа, а и очигледно е дека таа е длабоко свесна за тоа – изјави едно лице. 

Подготвила: Билјана Здравковска