Вардар не го одбрани ланскиот трофеј во Лигата на шампионите

752
Вуко Борозан пропушти прилика за израмнување во последниот напад

Ракометарите на Вардар нема да играат во годинашното финале во Лигата на шампионите (ЛШ), откако вечерва во „Ланксес Арена“ во Келн, на звршниот фајналфор, минимално загубија во полуфиналниот дуел од француски Монпелје со 27-28. Вардар го имаше последниот напад за израмнување на 19 секунди до крајот на средбата, но ударот на левиот бек Вуко Борозан заврши крај голот. Славјето на Французите можеше да започне.

Избрниците на тренерот Раул Гонзалес цело второ полувреме „бркаа“ негатива од два до три гола, за на 100 секунди до крајот, преку капитенот Стојанче Стоилов успеат да израмнат на 27-27. Но, покрај она водство од 7-6 во првиот дел, тоа беше се што и направија на оваа средба, не успевајќи да најдат противигра против „истрчаната“ одбрана на противникот, а во нападот многу потешко се доаѓаа за шут кон голот.

Првото полувреме сосема заслужено им припадна на ракометарите на Монпелје со 14-11, разлика која беше постигната токму во последниот напад. Вардар се обиде да намали на гол-негатива со последниот напад, но ударот на бекот Жоан Кањелас беше блокиран, а во брза контра мрежата на Страхиња Милиќ беше затресена уште еднаш и тоа буквално во последната секунда.

Голманите на Вардар не беа на посакуваното ниво, што можеше да се забележи според процентот на одбранети удари од скромни 23 отсто. По првите 30 минути голманскиот двоец на црвено-црните успеа да одбрани само еден удар, и тоа од страна на Арпад Штербик, додека во вториот дел само Милиќ впиша пет одбрани, и тоа беше се. Но, ништо подобри не беа ни противничките голмани, кои имаа вкупно осум одбрани.

Најефикасни кај Вардар беа бековите Лука Циндриќ и Борозан со по шест гола, а кај противникот, бекот Валентин Порт со осум гола. Вардар утре во 15.15 часот ќе игра со ПСЖ за третата позиција.

Во првото полуфинале, во дуелот помеѓу француските клубови Нант и фаворизираниот ПСЖ, славеше Нант со 32-28, во чии редови игра најдобриот македонски ракометар Кирил Лазаров. Финалниот дуел е закажан за утре во 18 часот.

Со вкупно 59 голови Кирил Лазаров е новиот најдобар стрелец на завршните фајналфор-турнири во Келн, каде макдонскиот капитен по осми пат е дел од овој ракометен спектакл. Тој постигна осум гола против ПСЖ. Г.И.