Непосредно пред Илинденското востание, бугарскиот политичар Григор Начович неколку пати се обидел да се сретне со еден од основачите и раководителите на ВМРО-Христо Татарчев, со намера да ги дознае целите на Организацијата. По неколку обиди, се остварила средбата на која Начович го претставил својот план за преговори со Османлиската Империја. Но, Татарчев го одбил предлогот.

– Организацијата е незадоволна и се повлекува, бидејќи нема доверба. Сета вина за положбата во Македонија пристига од Бугарија. Бугарите се виновни за несреќите на Македонците, сите бугарски влади (Радославов, Стоилов, Данев и сите) ја експлоатирале македонската кауза. Истото ќе го направи и сегашната влада и поради таа причина тие не сакаат да се поврзат со него за таа работа – истакнал Татарчев.

Григор Начович

Кон крајот на јуни 1903 година, Григор Начович во својство на бугарски дипломатски претставник во Цариград испратил еден мемоар до Младотурците.

– И Бугарија едно време мечтаеше за Сан Стефанска Бугарија, а тоа беше кога Македонија се тркалаше во тињата на незнаењето. Сега, по дваесет години, Македонија се промени, училиштата го дадоа својот плод и Македонците се стремат кон слободен живот, одделен од Бугарите и Кнежевството… Како што ние станавме непријатели на Русите и сме против нивните завојувачки планови, така и Македонците се против Санстефанска Бугарија. Тие сакаат да образуваат одделна област од Кнежеството, тие сакаат македонска автономија… Македонците се честити во Бугарија, тие се примаат во сите служби, прават трговија и се најбогатите. Има Македонци министри, пратеници, адвокати, владици и свештеници и секакви. Министрите треба да им платат клучари зашто се влијателни. Дури кнезот се плаши од нив, бидејќи можат да му сторат големи пакости… Бидејќи тој не им објавува војна на Турците, тие постојано го зборуваат тоа, дека ќе ги пренесат бомбите од Македонија во Бугарија, од Солун во Софија… еден поранешен министер ми рече дека во негово време Македонците добиле од Австрија 4.000 манлихерови пушки, кои тој тајно ги препуштил во Бугарија, бидејќи го заплашувале, дека ќе го убијат ако се спротистави – било истакнато меѓу останатото во мемоарот (Извор: ВМРО 1893-1903. Поглед низ документи, Матица Македонска – Скопје, 2013 – н.з.).

Григор Начович е бугарски политичар и дипломат. Еден од лидерите на бугарската Конзервативната партија, а подоцна учествувал во бугарските влади предводени од Стефан Стамболов, Константин Стоилов и Тодор Иванчов. Д.С.