„Биди како вода“ во Хонгконг, „Биди како цунами“ во Каталонија

264

Кварц

Авторка: Мери Хуи

Мотото „Биди како вода“ на протестите во Хонгконг, кое покажува флуидност, флексибилност и брзина, доби нова форма на цунами во Каталонија на другиот крај од светот. Откако шпанскиот суд во понеделникот донесе пресуда за казна затвор за деветтемина каталонски лидери, за нивната улога во обидот за отцепување во 2017 година, десетици илјади Каталонци излегоа на улиците да протестираат против она што тие го сметаат за жесток политички прогон и груба репресија на политичките права на регионот.

Демонстрантите одговорија на повикот за акција од една група наречена „Демократско цунами“ која стана актуелна во септември и апелираше до народните маси на мирна и граѓанска непослушност со цел да се зачуваат слободите на Каталонија. По пресудата за затворска казна, демонстрантите брзо се собраа на плоштадите и улиците во целиот регион, со тоа што ги блокираа главните сообраќајници и го запреа сообраќајот пред масовно да се упатат кон следната цел, поточно аеродромот „Ел прат“ во Барселона. Кога тргнаа од центарот на градот, една група на млади почна да скандира: „Ќе правиме како во Хонгконг!“.

Ова се однесуваше на случувањата на аеродромот во Хонгконг пред речиси два месеци, кога илјадници демонстранти се упатија кон меѓународниот аеродром за да го блокираат. На аеродромот во Барселона во понеделникот се одиграа неверојатно слични сцени кога илјадници го окупираа терминалот и улиците надвор од објектот, за потоа да бидат откажани најмалку 100 летови. „Демократско цунами“ дури и подели 130 бординг-билети преку апликацијата за испраќање пораки „Телеграм“, за демонстрантите да можат да влезат на аеродромот, што многу потсети на потегот на демонстрантите од Хонгконг, кои купуваа евтини авионски билети за да можат да влезат на аеродромот и да ја заобиколат судската забрана за протести во објектот.

Повеќемесечните протести во Хонгконг исто така беа земени за пример во Индонезија од страна на тамошните студенти кои излегоа на улиците против новите закони, како и од страна на климатските активисти од „Востание против истребувањето“ во Обединетото Кралство, но се чини дека токму протестите во Каталонија во најголема мера се инспирирани од Хонгконг. Со недели каталонските активисти детално ги проучуваа техниките на протестите од Хонгконг, анализираа што може да биде ефикасно и што може успешно да се примени во Каталонија. На крајот од септември, граѓанската група „Каталонско национално собрание“ дури и одржа јавен форум на темата „Искуствата од употребата на нови технологии во ненасилната борба: примерот на Хонгконг“. Претставник на дигиталната платформа „Пикник за републиката“ чија цел е да ги мобилизира Каталонците за политичка акција изјави за „Кварц“ дека „голема инспирација им биле протестите во Хонгконг, иако се свесни за разликите меѓу двете општества. Граѓаните на Хонгконг многу добро им покажаа на сите како нивната борба се ширеше преку социјалните мрежи. Токму овие лекции тие ги научија од нив, односно како да ги употребат тие алатки за да го мобилизираат народот и да го информираат“.

Порталот на „Пикник за републиката“ дава листа на неколку канали на Телеграм поврзани со протестите од Хонгконг како извори за инспирација и информации, како и фотографии од уличната организација на демонстрантите. Претставникот на дигиталната платформа порача дека „сликите и видео-снимките што ја покажуваат дисциплината на пренесувањето на пораките и добрата меѓу граѓаните на Хонгконг им оставиле силен впечаток, иако на нив ќе им биде потребно повеќе време да го постигнат тоа совршенство“.

Можеби најсилната тактичка врска меѓу двете движења е фокусот на филозофијата „Биди како вода“ на Брус Ли, која се претвори во непредвидливи, креативни и флексибилни протести кои течат како вода и се движат брзо низ градот. Сега, каталонските активисти сакаат на сличен начин ова да го применат. На социјалните медиуми, „Демократско цунами“ почна да го користи хаштагот #BeWater и побараа од сите да бидат „како цунами“ и буквално да ја отелотворат филозофијата на Брус Ли. „Пикник за републиката“ исто така ја прифати важноста на брзото менување на текот, исто како водата, со тоа што го искористи примерот на Хонгконг и апелираше до демонстрантите побрзо да се движат поради одговорот на полицијата и да не заземаат статични позиции.

Каталонија го зеде и примерот на движењето во Хонгконг, кое успеа да ги одржи протестите повеќе од четири месеци и да продолжи да го привлекува меѓународното внимание. Во колумна од минатиот месец, новинарот и политичкиот коментатор Жорди Барбета од Барселона го наведе Хонгконг како пример за движење кое успешно му дало „светска димензија на локален конфликт“. „Пикник за републиката“ е свесна за важноста да се биде во центар на вниманието во светот и ги охрабри Каталонците да носат маски „исто како во Хонгконг“ не само за да се заштити идентитетот на демонстрантите од властите, туку и да ја „зајакне меѓународната слика“ за каталонската борба. Во тој поглед, каталонските активисти ги преземаат карактеристичните и препознатливите техники на демонстрантите од Хонгконг, односно носењето заштитни шлемови, респираторни маски, чадори и други видови на заштита. Движењата во Каталонија и во Хонгконг се слични во природата на нивната борба, како што смета Жоан Рамон Резина, професор на универзитетот „Стенфорд“, чија специјалност се шпанската и каталонската култура и јазик. Тој вели дека „во диктатури како кинеската и шпанската во подем, не се толерира дисидентството или културните разлики. За предизвиците во Хонгконг и во Каталонија се заеднички вредностите како симптоми на зголеменото незадоволство на луѓето ширум светот од политичките системи кои ги жртвуваат правата на малцинствата за сметка на ширење на нивната моќ“.

Превод: Билјана Здравковска