Балканската трговска војна не доаѓа изненадно?

743

Македонските министри за економија и земјоделство заедно со директорите на Агенцијата за храна и на Царинската управа се очекува денеска да упатат одговор на најавените блокади од страна на Косово за увоз на медот и компирот од Македонија. Косовската мерка е резултат на стопираниот увоз на икра и на порибување од Косово поради непотполна документација за здравствената исправност на материјалот.

Регионалните медиуми ја најавуваа можноста за балканска трговска војна помеѓу Косово, Србија, Албанија и Македонија со месеци наназад. Косовскиот министер за трговија и индустрија Ендрид Шала неодамна предупреди дека Косово би можело да ги зголеми царинските такси кон Албанија и кон Македонија, поради незадоволството од зголемувањето на таксите од спротивната страна. 

Косовската влада, во декември минатата година, воведе високи царини за увезената стока од Босна и Херцеговина и од централна Србија, поради што меѓусебната трговска размена се намали на 290.000 евра, во споредба со истиот месец од 2017 година кога размената изнесуваше 40 милиони евра. 

Приштина и претходно еднострано воведуваше повисоки царински давачки за увоз на производи од соседните земји. Во првата половина на јули 2018 година беше воведена и привремена мерка за македонските земјоделски производи со повисоки царини за 30 отсто.

Македонскиот министер за економија Крешник Бектеши и директорот на Агенцијата за храна и ветиринарство Зоран Атанасов се очекува утре да патуваат за Приштина со цел да ги разубедат Косовските власти да ја тргнат забраната за увоз, според информациите во повеќе македонски медиуми.