Ангела Меркел мора да си оди за доброто на Германија и на Европа

630

Гардијан

Автор: Тимоти Гартон Еш

Ако Германија е срцето на Европа, тогаш тоа е најслабото срце што чука во телото на прејаден бизнисмен кој одмара во неговата канцелариска фотелја по обилниот ручек. За доброто на Европа и на Германија, срцето мора да почне побрзо да чука.

Не е точно дека германските елити не ги препознаваат проблемите околу нив. Берлин, кој веќе ќе го надмине Лондон како експертски центар, е преполн со паметни луѓе кои точно ќе ви кажат зошто, соочени со многуте проблеми како брегзит, популизмот, Доналд Трамп, Владимир Путин, климатски промени и вештачка интелигенција, на Европа ѝ е потребна стратегиска автономија, дигитална иновација и одржлив развој. Но тука недостига чувство на итност и капацитети да се пренесат овие апстрактни цели во динамичните политики кои германските гласачи всушност ги поддржуваат. Засега, Германија посакува да го добие крајниот резултат, но не располага со средства да го оствари.

Сега сме сведоци на ваква стагнација, затоа што на Германија одлично ѝ оди. Таа не се соочи со проблеми какви што се јавија во другите делови од континентот, поточно финансиската криза. Дури ни Источногерманците кои на последните избори гласаа за ултрадесничарската партија АФД не се жалат за финансиската состојба.

Повеќето Германци веројатно сè уште сметаат дека долгиот мандат на Меркел носи стабилност и просперитет за државата. Германската економија имаше одлични остварувања што делумно се должи на тоа што се потпира на добропознатите деловни моќи, а делумно поради тоа што владата на чело со Меркел имаше голема корист од реформите во пазарот на трудот и социјалниот систем кои беа воведени во владата на Герхард Шредер. Но државата исто така имаше голема корист и од надворешните случувања како што беше отворањето на Полска, Унгарија, Чешка и Словачка по падот на Берлинскиот ѕид, како и нивното вклучување во единствениот европски пазар што им даде одлична можност на германските производители да го преселат производството во соседството и да добијат евтина работна сила. Дури и еврото ѝ помогна на Германија да ја одржи стабилната економија.

И покрај навидум ваквата успешна приказна, сепак постои одредена доза на вознемиреност. Можеби државата зад себе го остави богатиот период, а не инвестираше во старата инфраструктура? Можеби потребна ѝ е дигитална револуција, за нејзината автомобилска индустрија да не изгледа старомодно во однос на автономните автомобили што се произведуваат во Силициумската долина и во Кина. Можеби сето ова што беше постигнато низ годините сега ќе пропадне благодарение на доселувањето, трговската војна на Трамп, популизмот и сличните проблеми. Мотото на народот, особено во западниот дел на државата, е „подобро врапче во рака, отколку гулаб на гранка“.

Откако поминаа 30 години од мирната револуција која ја обедини Германија, сега имаме одбранбено настроено конзервативно општество кое го брани статус-квото. Францускиот претседател Емануел Макрон е едвај чека радикално да ја промени Европа, со тоа што сака да му наметне на континентот една стратегиска амбиција од ерата на Наполеон, но од друга страна не наидува на поддршката на Германија на Меркел, веројатно затоа што „аристократите не поддржуваат револуција“.

Политиката ги одразува економијата и општеството, а Германија е единствената земја во која политичарите настојуваат да се здодевни. Здодевноста е дел од културата на одговорност, трезвеност и умереност која е целосна спротивност на нескротливата германска политика од периодот од 1914 и 1945 година. Говорите на политичарите се како приспивна песна, но ако другиот избор се Борис Џонсон и Доналд Трамп, тогаш подобро е да заспиеме.

Во 10 од вкупно 14 години на власт, Меркел беше на чело на широка коалициска влада во која беа обедиенти центристичко-десничарската Демохристијанска унија и центристичко-левичарската партија на Социјалдемократите. Ваквата влада не ја разви политичката дебата која е неизоставен дел од една либерална демократија, а конзервативните Германци одамна се жалат дека „имаат две социјалдемократски партии“. Ова е совршена влада за мирни времиња, но нема амбиција да се справи со денешните предизвици. Како резултат на долгиот мандат на двете големи партии, во државата се јави подем на екстремните партии.

Сите се свесни дека Меркел е на залезот од нејзината кариера. Сепак во најновата анкета над две третини од испитаниците одговориле дека би сакале Меркел да ја води владата до 2021 година. Секако, Германците ќе одлучат кој ќе биде на чело на владата, но ваквиот став не е во интерес на Германија и на Европа. Меркел и нејзиниот вицеканцелар, социјалдемократот Олаф Шолц имаат лукав план да ги надживеат и боговите на Вагнер. Двајцата одлично ја сработија домашната задача и по неколку успешни компромиси околу пензиите, соопштија дека државата се движи во одлична насока.

За среќа, дури ни германската политика не е толку предвидлива. Меркел и нејзината наводна наследничка Анегрет Крамп-Каренбауер ќе наидат на критики од десничарскиот противник Фридрих Мерц. Шолц ќе се бори за партиско лидерство со други левичари. Можеби ќе видиме демохристијанска малцинска влада или тројна коалиција на Демохристијаните, Слободните демократи и Зелените, а можеби и нови избори на кои би победиле Демохристијаните и Зелените. Што и да се случи, јасно е дека време е за промени што ќе бидат од интерес на Германија и на Европа.

Превод: Билјана Здравковска