Кирковски сам се искачи на еден од најтешките алпски врвови, Вајсхорн (4.506 м)

302

Mакедонскиот планинар Александар Кирковски успешно, во соло стил, се искачи на еден од најтешките алпски врвови, Вајсхорн (4.506 м), во Швајцарија.

Искачувањето на врвот тој го започнува со долг пристап од селото Ранда до планинарскиот дом „Вајсхот Хут“, на 2.900 м, а потоа до врвот требаше да совлада уште 1.600 метри со значајна техничка тежина од карпи, снег и лед. За овој потфат на Кирковски му беа потребни 11,5 часа.

Ова е второ искачување на врвот Вајсхорн од македонски планинар, прво кое е реализирано целосно самостојно (соло) што во планинарењето и во алпинизмот се смета за најкомплексен начин.

Акцијата беше дел од програмата на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија (ФПСМ).

Кирковски минатата година реализираше соло брзинско искачување на највисокиот алпски врв, Мон Блан (4.810 метри) од потешката и подолга италијанска страна. Целиот потфат вклучувајќи ги качувањето до врвот и спуштањето до појдовната точка беше реализиран за 9 часа и 58 минути.

Л.Д.