Фото: Илустрација/Пекселс

Одлуката за замрзнување на цените на основните прехранбени продукти ја донесовме за да нема поголемо влијание во делот на трошоците што граѓаните ги имаат, особено во време на енергетска криза, имајќи предвид дека цените на електричната енергија можат да влијаат директно и индиректно во зголемување на цените и на производството и на трговијата, било тоа да е трговија на мало или на големо, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши.

Бектеши вели дека со донесувањето на одлуката основните прехранбени продукти, лебот, шеќерот, брашното – тип 400, сончогледово масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти, свежото месо и сувомесни производи, сирењето и урдата да се продаваат по цените што ги имале на 1 декември, не значи дека нема да се прошири одлуката и со другите производи.
– Се зависи од податоците што ќе ги добиеме наредната недела од Заводот за статистика, овие одлуки ги носиме само во интерес на граѓаните и во интерес на нивниот животен стандард – додава Бектеши.

Прашан зошто одлуката за замрзнувањето на цените не е донесена по примерот на Србија, министерот за економија посочи дека тоа зависи од многу параметри.

-Првично репроматеријалите на одредени домашни компании кои произведуваат сончогледово масло за јадење во нашата држава главно ги увезуваат. Во делот на увозената цена не можеме ние да влијаеме зошто тие производи се произведуваат надвор од државата. Ние можеме да влијаеме во делот на маржата што ја утврдува домашната компанија во формирање на конечната цена – појасни Бектеши.
Втор чекор, тој вели дека е трговијата на мало каде се пласираат одредени производи и како трета фаза е цената којашто граѓаните ја купуваат во маркетите, која е мала трговија во однос на маржите.

– Што се однесува до одредени продукти кои се произведуваат домашно, ние паралелно имаме други механизми преку Законот за директна поддршка на инвестициите, преку субвенционирање на одредени производи што веќе ги реализираме и имплементираме и во претходните години, а секако од почетокот на наредната година дополнително ќе ја зголемиме поддршката за вакви производи – кажа министерот.

Тој истакна дека на годишно ниво се трошат над 15 милиони евра директно од Буџетот за да се финансираат дополнителни проекти, нови технологии, креирање на нови производи на домашните компании.
– Претходната година кога носевме ваква одлука немаше негативни влијанија врз економијата генерално. Можеби имаше намалување на профитите на одредени сектори, но немаше луѓе што изгубија работни места, немаше компании што го намалија производството. Немаше трговци што го намалија обемот или приходите во претходната година. Ние внимаваме на сите овие параметри кога носиме вакви одлуки. Ние ја носевме одлуката врз основа на податоците што се објавуваат транспарентно, отворено од страна на ДЗС за месец октомври – вели Бектеши.

ВМРО-ДПМНЕ реагираше дека Владата ги замрзна цените откако се поскапи, а инфлацијата го јаде стандардот.
– Замрзнувањето на цените на основните прехранбени продукти можеби ќе го ублажи, но никако не може да го стопира овој бран на зголемена инфлација и намален стандард на граѓаните. Тоа не се прави со ограничување на цената на производите, туку тоа е една од сетот мерки коишто требаше да се преземат – рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.