Денеска на прес-конференција беше промовиран порталот „Отворени финансии“, што содржи финансиски податоци за над дванаесет и пол милиони трансакции.

– Стандардите се поставени. Секогаш кога некое министерство, агенција или државна управа ќе извршат уплата на пари, трансакцијата во рекордно време ќе биде јавно достапна за увид на сите во државата – соопшти претседателот на Владата Зоран Заев.

На настанот на кој присуствуваа и министерката за финансии Нина Ангеловска, министерот за комуникации, транспарентност и отчетност, Роберт Поповски и претставници на УСАИД и ИРИ, Заев истакна дека денеска е празник на транспарентноста и отчетноста во Република Северна Македонија бидејќи конечно се отвори државниот Трезор на Министерството за финансии, и на увид на граѓаните се ставени минатите, сегашните и ќе бидат ставени сите идни финансиски трансакции на буџетските корисници.

Премиерот Заев упати благодарност и за Меѓународниот републикански институт (ИРИ) и УСАИД, без чија финансиска поддршка, имплементацијата на овој проект ќе беше невозможна.

– Отворање на трезорот и сите податоци во него, е една од најголемите мерки во насока на намалување на корупцијата и неправилностите во работењето на државните институции, како и штедење на парите на граѓаните. Со ова ниво на транспарентност и отчетност, граѓаните, медиумите и граѓанските организации ќе можат слободно да ги истражуваат плаќањата на институциите и да согледуваат дали некоја институција форсира економски оператор или префрлува пари на едни исти физички лица за различни работи. Платформата „Отворени финансии“ во иднина ќе биде коректив на работењето на институциите и силна барикада за корупцијата, непотизмот и останатите неправилности кои ги среќаваме во институциите – нагласи премерот Заев.

Во првата фаза е планирано на платформата „Отворени финансии“ да се објавуваат трансакциите на буџетските институции на Централниот буџет, а тоа се институциите од Основен буџет (министерства, агенции, управи итн.) и социјалните фондови, а во втората фаза ќе се објавуваат и трансакциите на единиците на локална самоуправа и нивните буџетски институции.

Платформата „Отворени финансии“ им се придружува на платформата „Отворени податоци“, на Алатката за отчетност на Владата која ги покажува личните службени трошења на функционерите, и на новите сервисни веб страни на Владата и министерствата на кои се работи и кои ќе содржат информации кои порано беа целосно недостапни.

Министерката за финансии Нина Ангеловска потенцираше дека порталот „Отворени финансии“ е еден од клучните резултати од големата реформа на јавните финансии, во чија основа е транспарентноста со што заложбата на оваа Влада за транспарентно, ефикасно и ефективно управување со јавните финансии, станува реалност и претставува чекор напред на европскиот пат.

– Денес го отклучуваме Трезорот за граѓаните. Ова е „декласифицирање“ на податоците за трансакциите на буџетските корисници. Покажуваме дека имаме институционален капацитет за големи демократски чекори. Транспарентноста е основна демократска алатка. Таа ја ограничува манифестацијата на моќ и поттикнува поодговорно и поправедно трошење на буџетските средства поради стравот од фаќање во нелегална активност. Тоа е повратниот ефект на транспарентноста врз намалување на корупцијата. Пристапот на граѓаните и граѓанското општество до информации за располагањето со буџетските средства поттикнува нивно разумно и одговорно трошење – истакна министерката за финансии Ангеловска.

Министерот за комуникации, транспарентност и отчетност, Роберт Поповски информираше дека според истражувањето на „Action SEE“ за транспарентност, отвореност и отчетност на извршната власт во регионот на Западен Балкан за 2018 година, Владата на Република Северна Македонија, заедно со Црна Гора е лидер во регионот според индексот на отвореност, кој изнесува 78 отсто во однос на исполнување на индикаторите.

Трендот е растечки во последните две години и донесе пресврт во рангирањето на нашата земја, ако се знае дека во 2016 година бевме на последното место со само 52% исполнети индикатори. Она што заслужува посебно позитивно внимание во ова истражување за транспарентност, отвореност и отчетност на извршната власт во регионот на Западен Балкан е првото место на нашата земја во подкатегоријата „Објавување граѓански буџет“ за што се исполнети дури 87% од индикаторите за транспарентност, отвореност и отчетност. Земјите на второто и третото место исполнуваат 40% и 24%, што претставува сериозна разлика во полза на Северна Македонија – рече Поповски.