Кредитите за компаниите бележат месечен раст од 1 процент и годишен раст од 3,3 отсто

Пораст на кредитирањето на компаниите, но и благ пад на висината на каматните стапки може да се забележи во последните извештаи на Народната банка. Се забележува дека во последните месеци има раст на кредитирањето и во секторот домаќинства и во секторот компании, но овој пат повеќе расте кредитирањето на компаниите отколку на домаќинствата, како што беше случајот изминатиот период пред почетокот на корона-кризата.
Претставниците на Македонската банкарска асоцијација посочуваат дека во согласност со расположливите податоци во мај 2020, на месечна основа вкупните кредити оствариле раст од 0,9 отсто како резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, но со малку поголем придонес на корпоративниот сектор.
– Кредитите на корпоративниот сектор имаа месечен раст од 1 процент и годишен раст од 3,3 отсто, од што произлегува дека постои интерес за финансиска поддршка на компаниите.

Банките го следат намалувањето на основната каматна стапка на НБРСМ преку приспособување на понудата на активните и пасивните каматни стапки, но начинот и динамиката на промените се индивидуална одлука на секоја поединечна банка. Како што објави и Народна банка, во мај просечната каматна стапка на вкупните кредити изнесува 4,83 проценти и на годишно ниво е намалена за 0,76 процентни поени. Каматната стапка на новоодобрените кредити на корпоративниот сектор во мај изнесува 3,71 отсто и споредено со мај минатата година, кога изнесувала 4,34 проценти, оваа каматна стапка е намалена за 0,63 процентни поени. Можно е натамошно намалување на каматните стапки, но нема простор за значајно намалување – велат претставниците на Македонската банкарска асоцијација.

Заинтересираноста за кредити кај компаниите ќе расте и следниот
период

Од МБА посочуваат дека двете бескаматни кредитни линии што беа дел од владините мерки за заштита на ликвидноста и работните места успеаја во разумно време да одговорат на потребите на микро и малите трговски друштва за обртни средства, но додаваат дека истите тие немаат значајно влијание врз заинтересираноста на компаниите за кредити.
Растот на кредитирањето на компаниите го потврдуваат и комерцијалните банки, но додаваат дека тој не се должи на ефектот на пандемијата и очекуваат во следниот период да се зголеми уште повеќе заинтересираноста за кредитирање на компаниите.
– Имајќи ги предвид кредитните активности на банката во изминатите три месеци, можеме да кажеме дека побарувачката на кредити поради состојбата не е значително зголемена, т.е. бројот на барања за дополнително финансирање поради ковид-19 ефектот може да се смета за низок.

Од друга страна, може да се констатира поголема претпазливост на компаниите во реализацијата на планираните инвестиции. Во последните месеци, и покрај влијанието на кризата, активните каматни стапки имаа благо опаѓање. Како веројатни причини може да се издвои поголемата ликвидност во однос на побарувачката за кредити, како и ефектот од одредени кредитни линии со пониски каматни стапки, кои им беа понудени како поддршка на компаниите. Меѓутоа, со оглед на кризата, кредитниот ризик е несомнено зголемен (и се очекува да се зголеми), па во одреден временски период очекуваме ова зголемување да се вгради во активните каматни стапки и да ги придвижи нагоре. Оваа состојба може да се воочи и на меѓународните пазари, каде што е евидентно зголемување на каматните спредови во кредитирањето како резултат на зголемениот кредитен ризик и тенденцијата да се вложува во помалку ризични инструменти – објаснуваат од Шпаркасе банка.

Нова бескаматна кредитна линија во висина од 31 милион евра

Од почнувањето на пандемијата и мерките што беа преземени за сузбивање на вирусот, сосема очекувано се влошија економските текови, што се одрази и врз работењето на компаниите. За да се ублажат штетите врз корпоративниот сектор беа воведени две бескаматни кредитни линии преку Рaзвојната банка.
– Од првата бескаматна кредитна линија ,,Ковид 1“ се одобрени вкупно 738 кредитни барања, иако интерните процени беа дека со средствата со кои располагаме ќе успееме да покриеме некаде околу 600 кредитни барања. Од одобрените кредитни барања, досега се исплатени околу 97 проценти. Од втората бескаматна кредитна линија ,,Ковид2“ се одобрени вкупно 593 кредитни барања, со вкупен износ од 7,1 милиони евра од расположливите 8 милиони евра што ги имавме за оваа намена. Во обработка се кредитните апликации за остатокот од средствата до 8 милиони евра. Од двете кредитни линии, досега се одобрија кредити за вкупно 1.331 компанија, со вкупно 16.632 вработени, на износ од 12,6 милиони евра. Од одобрениот вкупен износ, исплатени се 9 милиони евра – посочуваат од Развојната банка на Северна Македонија.

Оттаму посочуваат дека заинтересираноста за бескаматните кредити беше голема, како за првата бескаматна кредитна линија, која се однесуваше за компаниите од секторите туризам, угостителство и транспорт, така и за втората бескаматна кредитна линија, која беше отворена за сите сектори. За двете кредитни линии пристигнале вкупно 6.230 кредитобарања.
– Првиот јавен повик се објави на 25 март, веднаш по прогласувањето на вонредната состојба. Првата група обработени апликации што исполнуваа услови беа одобрени на седница на Владата на 8 април, а веќе на 14 април почнавме со исплата на кредитните барања. Имајќи го предвид ова, сметаме дека успеавме во релативно краток рок да им понудиме максимална поддршка на домашните компании од погодените сектори, секако во рамките на нашите можности.

Треба да се земе предвид дека 77 отсто од одобрените кредитни апликации од првата бескаматна кредитна линија беа за микрокомпании што вработуваат до 10 лица, додека 56 проценти од досега одобрените кредитни апликации од втората бескаматна кредитна линија се однесуваат повторно на микрокомпании што вработуваат до 10 лица. Во следниот период очекуваме нова фаза бескаматни кредити, поддржани од средства на Европската Унија. Правиме напори да се обезбедат средства за нова бескаматна кредитна линија во периодот септември/октомври годинава, во вкупен износ од 31 милион евра. Овие средства ќе бидат наменети за микро и мали компании, трговци поединци и занаетчии, а 30 отсто од кредитите ќе бидат неповратни за одредени целни групи на компании во согласност со критериумите – истакнуваат од Развојната банка.