Угостителските работници најчесто остануваат прекувремено на работа Фото: Маја Јаневска-Илиева

На 31,7 отсто од работниците не им се плаќаат прекувремената работа и работата во викенд или за празници, како што е предвидено со законот

Над триесет проценти од вработените во Македонија се соочуваат со неисплатена прекувремена работа, работа за викенди или за празници. Најголем дел работници во секторите градежништво, текстилна индустрија и угостителство се соочуваат со неплатена прекувремена работа, но состојбата не е многу подобра ниту во другите сектори.
– Сојузот на синдикатите на Македонија има обезбедено бесплатна правна заштита за своето членство за права од работен однос, која ја спроведуваат правните застапници на ССМ и синдикатите во седиштето во Скопје, но и во регионалните синдикални претставништва и синдикалните канцеларии во РМ.

Водејќи грижа за непречено остварување на работничките права, ССМ ги упатува работниците во случај на неосновано неостварување на правата од работен однос што им припаѓаат во согласност со законот, КД и договорот за вработување, приоритетно да се обратат до работодавецот за спогодбено и доброволно решавање на проблемите. Но доколку не наидат на разбирање кај работодавците, ги мотивираме работниците да се обратат до Државниот инспекторат за труд или да водат судски постапки за остварување на своите права – велат од Сојузот на синдикати на Македонија.
Во врска со заштитата на правата, особено кога станува збор за прекувремената работа, се евидентирани 135 обраќања до ССМ во текот на 2017 година и 177 обраќања во текот на 2016 година.

– За сите овие обраќања, правните застапници на ССМ и синдикатите, како и синдикалните претставници, ги презеле потребните мерки и активности за заштита на работничките права преку давање совети, подготвување приговори до надлежните органи кај работодавецот, подготвување барања за постапување на Државниот инспекторат за труд, тужби и застапување на работниците во постапките пред органите кај работодавецот или, пак, во судските постапки – појаснуваат од синдикатот.
Од ССМ додаваат дека континуирано водат грижа и настојуваат по пат на обуки, семинари и советувања да ги оспособат работниците, синдикалното членство и синдикалните раководства за стекнување сознанија за правата од работен однос и за начинот и постапката за нивното остварување, заштита и унапредување.
За обемот на прекувремена работа истражувања правеле и претставниците на институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, кои во видео поставено на нивната веб-страница објавуваат дека на дури 31,7 отсто од работниците не им се плаќаат прекувремената работа и работата во викенд или за празници, како што е предвидено со законот.

Статистиките покажуваат дека мажите подолго и почесто работат прекувремено. – Над 28 отсто од вработените мажи имале минимум еден час прекувремена работа и 19 отсто од вработените жени работеле над еден час повеќе во неделата – објаснуваат од „Фајненс тинк“.
Економистот Здравко Савевски, пак, истакнува дека иако одредбите во законот одамна се воведени, сепак мал број работници знаат дека за прекувремена работа од над 150 часа годишно им следува бонус-плата колку просечната плата во државата.
– Не зборуваме за обврската газдата секој час прекувремена работа да го плати зголемен за 35 отсто. Покрај таа исплата, ако сте работеле над 150 часа годишно и ако не сте отсуствувале од работа повеќе од 21 ден во текот на годината (не сметајќи го годишниот одмор), имате законското право на бонус-плата од 23-24 илјади денари. Неисплаќање на прекувремената работа и секоја неисплата на бонус-плата при надминати 150 часа работа годишно значат незаконско збогатување на газдата и осиромашување на работникот. Работникот си скратува од времето што може да го помине со семејството, да се одмори, да ги заврши своите приватни обврски, за да му обезбеди повисок профит на газдата, а тој ги избегнува своите законски обврски, дополнително збогатувајќи се на сметка на работникот – објаснува Савевски.

Како што истакнува тој, во согласност со законот, прекувремената работа не може да се примени по слободна одлука на газдата, туку само во случаи на исклучително зголемување на обемот на работата, ако е потребно продолжување на производствениот процес, за да се отстрани оштетување на средствата за работа и да им се обезбеди безбедност на луѓето, имотот и прометот.
– Ако на редовна основа е потребно извршување на поголем обем на работа, кој не може да биде завршен од моментално ангажираните работници во текот на редовното работно време, тогаш газдата треба да вработи нови работници, а не постојните да ги тера да работат прекувремено. А ако сака на тој начин да се справи со поголемиот обем на работа, тогаш за таа своја одлука треба да ги преземе финансиските реперкусии предвидени во законот – заклучува Савевски.