Објавени првите бенефити за клиентите на Охридска Банка и Шпаркасе Банка

На 4 ноември беше извршена промена на сопственоста на Охридска банка АД Скопје, со што Штаермеркише Банка и Шпаркасен АГ официјално стана новиот сопственик на Банката.

Со стекнување на 91.57 отсто од акциите, Штаермеркише Шпаркасе стана не само
најголем давател на финансиски услуги во јужниот дел на Австрија, туку и четврта
најголема банкарска групација во Северна Македонија со пазарно учество од околу
14 отсто.

Оваа трансакција исто така претставува и најголема бизнис инвестиција во регионот
оваа година. Двете банки, Охридска банка АД Скопје и Шпаркасе Банка Македонија,
сега ќе опслужуваат повеќе од 132.000 клиенти во земјата, нудејќи им производи и
услуги, како и експертиза која доаѓа од Ерсте Групацијата.

Земајќи го во предвид волуменот на комбинираната банка, сега таа ќе биде позиционирана на пазарот како број два во корпоративниот сегмент и број три во сегментот население. Исто така, со интеграцијата се очекува Банката да биде лидер на пазарот во однос на понудата на производи и услуги.

Штаермеркише Шпаркасе во Северна Македонија е присутна од 2008 година преку својата локална подружница Шпаркасе Банка Македонија, која во моментот има активна од околу 350 милиони евра. Со приклучувањето на Охридска банка во Штаермеркише Шпаркасе, вкупната актива на Банката на македонскиот пазар ќе биде
повеќе од 1 милијарда евра.

– Со купувањето на една од водечките, меѓународно активни банки во Северна
Македонија, ќе станеме уште посилен партнер на економијата. Заедно, ќе располагаме со значително поголем потенцијал и ресурси со кои ќе ги опслужуваме нашите клиенти и сите бизниси. Со здружена експертиза и заеднички пристап ќе бидеме силен партнер на интернационалните компании, на компаниите од Европската Унија и на активните инвеститори во земјата. Со членовите на Управниот Одбор на новата банка ќе обезбедиме стабилност и иновативен пристап во работењето. Убеден сум дека ќе формираме нова успешна банка и дека ќе создадеме одржливи вредности за нашите клиенти и акционери, а особено за нашите вработени. Навистина сум задоволен што успеавме скоро за три пати да го зголемиме нашето присуство на македонскиот пазар и тоа преку одлична аквизиција и истовремено да се позиционираме како референтна банкарска групација во земјата – изјави Георг Бухер, член на Управниот Одбор на Штаермеркише Шпаркасе.

Засега, сметките на клиентите на Охридска банка, како и условите за кредити дефинирани во договорите на клиентите остануваат исти. Исто така и условите за користење на платежните картички остануваат непроменети, а клиентите немаат обврска да ги заменуваат во моментот нивните картички. Двете банки ќе функционираат како засебни правни субјекти на пазарот. Интеграцијата на Охридска банка со Шпаркасе Банка Македонија се очекува да се случи во вториот квартал од 2021 година.

– Поминавме доста, а ни претстои и еден долг предизвикувачки период. Главниот
фокус и понатаму останува грижата за нашите клиенти. Ќе моделираме една нова,
модерна и помоќна Шпаркасе Банка Македонија. Државата ќе ја добие четвртата најголема банка, со пазарно учество од 14 отсто. Оваа банка ќе донесе бројни бенефити за клиентите, ќе отвори нови перспективи во економијата и ќе овозможи подигање на нивото на целиот банкарски сектор – изјави Нина Неданоска, претседателка на Управниот одбор на Охридска банка АД Скопје.

– Интегрираната банка ќе биде водечки финансиски супермаркет во регионот. Со нудење на извонредни банкарски услуги, како и услуги во областа на животното осигурување, лизингот, и инвестиционо банкарство ќе придонесува за исклучително задоволство на клиентите. Преку синергија на групациското „ноу-хау“ и нашата долгогодишна традиција на секојдневна интеракција со клиентите, ќе развиеме модел кој ќе ги задоволи нивните очекувања. Банката ќе биде препознатлива по нашиот хуман однос, одговорно однесување, инклузија на клиентите, како и професионални совети и вмрежување на клиентите во земјата и странство. Убеден сум дека ќе бидеме прв избор на банка за нашите клиенти и вработени – изјави Глигор Бишев, главен извршен директор и претседател на УО на Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје.

Преку поврзаноста со Ерсте Групацијата, придобивките за корпоративните клиентите се видливи во повеќе аспекти, во делот на финансирање и пристап до средства, вклучително и во прекуграичното финансирање. Клиентите ќе можат дополнително да ги почувствуваат и придобивките во делот на платниот промет и самата конкурентската предност на Банката.

Една од првите придобивки за клиентите на свете банки ќе биде можноста за користење на повеќе од 120 банкомати ширум земјата, како и можноста за подигнување на средства од банкомати со дебитни картички без провизија, почнувајќи од 1 јануари 2020 година.

Интегрираната банка ќе има знајачно учество и видливост на пазарот преку понудата
на широк спектар на банкарски производи, инвестициски фондови, осигурителни,
лизинг и готовински услуги.