Домашните експерти посочуваат дека е очекувано Македонија да има поголем пад, но дека прогнозите за тоа како ќе се одвива економскиот раст во 2021 година најмногу ќе зависат од здравствената криза и од мерките што ќе се преземат

Затвoрањето на економијата и ограниченото движење поради ширењето на ковид-19 ја предизвика најдлабоката индуцирана рецесија на македонската, но и на светската економија.
Според октомвриската прогноза на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), македонската економија, во текот на оваа година, ќе забележи пад од 5,4 отсто како резултат на последиците од пандемијата, по што во текот на 2021 година ќе следува раст на БДП од 5,5 проценти. Оттаму велат дека светската економија полека излегува од кризата што ја создаде пандемијата на коронавирусот, со тоа што се предвидува светскиот раст да се искачи на 5,2 отсто во 2021 година. ММФ во својот извештај за светски економски прогнози за октомври посочи дека светската економија сѐ уште е во длабока рецесија. Светскиот БДП ќе се намали за 4,4 отсто годинава што е помалку сериозно намалување од предвидувањата за -4,9 отсто во јуни.
Домашните експерти посочуваат дека е очекувано Македонија да има поголем пад, но истакнуваат дека истото тоа ќе зависи и од здравствените мерки и од економските мерки.

Според професорот на Економскиот факултет, Трајко Славевски, прашањето е дали ќе имаме можности да ги штитиме со мерки работните места, има држави што имаат друг пристап, не ги штитат работните места и уште од април невработеноста од минимални 3,5 отсто им се зголемила на 20 отсто, но, затоа пак, ги штитат работниците.
– Пристапот или парадигмата треба полека да се менуваат, така што ако повторно се продлабочува кризата, треба да се започне со мерки за заштита на работните места во најпогодените сектори, па потоа кон заштита на работниците, кои треба да бараат вработување во други сектори, значи треба да се случат структурни промени во економијата – објаснува Славевски.
Од институтот за економски политики и истражувања „Фајненс тинк“ велат дека при нивното проектирање во септември годинава, нагласиле дека проекцијата од 3,8 отсто ја задржуваат, но истата таа е под значајни негативни ризици, односно има веројатност да се влоши.
– Тоа е водено од фактот дека сѐ уште не знаеме како здравствениот аспект на корона-кризата ќе се развива во текот на оваа есен и, следствено на тоа, какви потези би презеле властите во поглед на економијата. На пример, повторно затворање како во март и април би значело нагло влошување на изгледите за растот. Но во „Фајненс тинк“ не очекуваме таков потег и сметам дека здравствените и економските ризици треба да се менаџираат преку балансирање – додаваат оттаму.

Брзината на заздравување на нашата економија, според Стопанска комора на северозападна Македонија, ќе зависи од многу фактори, но како основен посочуваат дека Владата, преку своите механизми, ќе треба да ја стимулира побарувачката за да се одржи растот, но и да се чува рамнотежата на цените.
– Сметаме дека доколку сме во позитивна насока на движење со пандемијата, тој период ќе биде клучен за тоа колку брзо ќе закрепне нашата економија, а што побрзо се случува тоа, толку повеќе ќе може да го обновиме нашето присуство и на странските пазари – истакнуваат од СКСЗМ.
Со понатамошното ширење на пандемијата на ковид-19, многу држави забавија со повторното отворање на економиите, а некои дури и повторно воведуваат делумни карантини за да го заштитат населението. Обновата во Кина беше побрза отколку што се очекуваше, со тоа што забележа позитивен раст од 1,9 отсто годинава и што се очекува да достигне 8,2 отсто во 2021 година. Шпанија, Италија и Индија ќе го намалат растот за -12,8, -10,6 и -10,3 отсто соодветно оваа година. За трите држави се предвидува да го зголемат растот за позитивни 7,2, 5,2 и 8,8 отсто соодветно во 2021 година.

ММФ вели дека прогнозите ќе беа послаби ако не беше воведен значителниот одговор на владите и на централните банки, кои успеаја да ги одржат приходите на домаќинствата, да ја заштитат ликвидноста на фирмите и да го поддржат издавањето кредити. По скокот во 2021 година, ММФ предвидува светскиот раст да забави за околу 3,5 отсто на среден рок.
Пандемијата ќе го уназади напредокот што беше постигнат од 1990-тите години во намалувањето на светската сиромаштија и ќе ја зголеми нееднаквоста.