Фото: Игор Бансколиев / Архива

ЗА НАДМИНУВАЊЕ НА НЕДОСТИГОТ ОД КАДАР ВО ТУРИЗМОТ

Во екот на туристичката сезона, поради одливот на кадар во европските држави, Македонија се соочува со сериозен недостиг од луѓе во речиси сите туристички капацитети и затоа сè повеќе се наметнува потреба да се обезбеди работна сила однадвор.
Токму во таа насока е иницијативата на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори, која во соработка со организациите од Турција може да обезбеди 5.000 квалификувани работници, кои веднаш ќе почнат да работат во домашните капацитети доколку надлежните институции овозможат нивно вработување под условите што важат и за македонските државјани.
– Во комуникација со секторските здруженија и организации од Турција најдовме решение за надминување на сериозниот проблем со кој се соочува туристичко-угостителскиот сектор, недостигот од квалификувана работна сила како келнери, рецепционери, собари, готвачи и имаме зелено светло веднаш да донесеме 5.000 работници, за кои нашите плати се прифатливи. Но за да може да се операционализира тоа, неопходно е да се поедностават процедурите за регулирање на вработувањето на овие лица бидејќи во нашата држава постои мошне сложена процедура за засновање работен однос со странски државјани. Сметаме дека доколку овие лица може да се вработат под истите услови како и нашите државјани значително ќе го ублажиме сериозниот кадровски проблем со кој се соочуваме – вели претседателот на ТУК, Аркан Керим, притоа додавајќи дека реалната бројка на работници што недостигаат во овој сектор се движи околу 20.000 луѓе.

– Доколку не се најде решение, постои ризик за затворање на 50-60 отсто од постојните капацитети – тврди Керим.
Тој ја презентираше и втората клучна активност на комората, која треба да овозможи намалување на негативните ефекти предизвикани од мултиплицирачката криза врз овој сектор преку обезбедување финансиска поддршка од ЕУ за неповратни фондови за поставување соларни панели и користење други алтернативни извори на електрична енергија.
– Новото раководство на Комората во кое вклучуваме и успешни бизнисмени од секторот што се од Америка, Австрија и Турција ќе се залага за воспоставување директна комуникација со Европската комисија во приближување на овие неповратни фондови за финансирање на деловните субјекти во туристичкиот сектор во нашата земја. Комората ќе помогне во обезбедување извори на финансирање, но и ќе го мониторира начинот на нивно трошење, со цел оправдување на инвестицијата за соодветната цел. Дел од овие средства ќе се инвестираат и во алтернативните извори на енергија како сериозна можност, која значително ќе ги намали трошоците за електрична енергија на деловните субјекти од овој сектор – истакна Керим.