Фото: Игор Бансколиев

Првиот човек на една од најголемите светски економии деновиве излезе со прогноза за текот на глобализацијата, што е своевиден показател на промените, кои стануваат неизбежни. Дали е ова најава на нов економски поредок и колку Македонија ќе успее да се справи со предизвиците што се наметнуваат, од аспект на ценовните и други притисоци врз домашната и другите економии во светот?

ГЕРМАНСКИОТ КАНЦЕЛАР ОЛАФ ШОЛЦ СО НОВА ОЦЕНА ЗА ГЛОБАЛИЗАЦИЈАТА

Се соочуваат ли светот и светската економија со нови предизвици? Се менуваат ли економските текови и правила целосно? По пандемијата се наметнаа многу проблеми во економиите насекаде во светот, а како „капак на сѐ“ е воениот конфликт во Украина, кој, пак, поттикна многубројни рестрикции од земјите од Европската Унија, кандидатите членки на Унијата, САД и многу други земји кон Русија со намера да се ограничат нејзините финансиски приливи, за да запре војната. Но дали новите случувања, меѓу кои и многубројните санкции се вовед во една нова ера, во еден нов економски поредок поразличен од она на што сме навикнале?
Деновиве германскиот канцелар Олаф Шолц оцени дека фазата на глобализација со ниски цени е завршена.
– Мислам дека фазата на глобализацијата во која цените беа ниски е завршена, бидејќи само мал дел од пазарот се опслужува од остатокот од светот. Напредокот во последните од 30 до 40 години е голем, многу земји достигнаа толку многу што сега се клиенти што се натпреваруваат со нас за дефицитарни производи – изјави Шолц во Бундестагот.
Дали ваквата изјава на првиот човек на една од најголемите светски економии е показател на промените што стануваат неизбежни? Колку Македонија ќе успее да се справи со предизвиците што се наметнуваат од воениот конфликт и рестрикциите што се воведуваат и има ли опасност за засилен удар врз домашната или други мали економии во светот од промените што се наѕираат?
Домашните економисти не ја исклучуваат можноста за воспоставување нов економски поредок во светот, но посочуваат оти е добра вест што голем број земји во светот бараат начини да ги минимизираат штетите врз економиите.

– Ние станавме современици на воспоставување нов економски поредок во светот, имајќи го предвид развојот на настаните околу руско-украинскиот конфликт и издигнувањето, во моментов се чини, непробојна бариера помеѓу западните економии и руската економија. Тоа веќе ги наруши пазарите, главно оние кај кои Русија се јавува како голем снабдувач на светот, првенствено нафтата, гасот, некои основни прехранбени продукти (како жита) и метали.
Во услови на нарушување на пазарот од овој обем, логично е дека цените се поместуваат како одраз на нова рамнотежа, повисока, бидејќи понудата се намалува како резултат на ограничувањата. Оваа ситуација, веројатно, нема да се смени на подобро, особено не на краток рок. Дури ризиците дека рамнотежата ќе се воспоставува на уште повисоки нивоа, се присутни, и нивната материјализација зависи од траењето и начинот на окончување на руско-украинскиот конфликт – посочува универзитетскиот професор Марјан Петрески од „Американ колеџ“.

Зголемено домашно производство на клучни производи

Петрески потенцира дека добра вест во ваквата констелација е што земјите што биле зависни од овие суровини ќе преземат или веќе преземаат мерки за компензирање на последиците.
– На пример, клучни европски земји како Германија веќе прават планови за намалување на зависноста од рускиот гас, потег што други помалку важни земји како Литванија, го направија многу порано, уште по анексијата на Крим во 2014 г. Истото тоа ќе се случува и со производството на житни производи, приспособување што може да се направи, веројатно, побрзо. Ваквите потези ќе овозможат нагорните притисоци врз цените да се компензираат, во одредена мера, на краток до среден рок. Но каде точно ќе се воспостави новата рамнотежа, тешко е прецизно да се каже – објаснува Петрески.
Професорот објаснува дека за мали земји како нашата, излезот е зголемување на домашното производство на клучни производи, како пченица, пченка, сончоглед, зеленчук, и брзи инвестиции во зголемување на капацитетите за производство на електрична енергија.
– Во однос на производството на електрична енергија, клучно е тоа проширување на капацитети да е целосно во линија со енергетската транзиција, односно да поддржи инвестиции во фотонапонски, ветерни и хидроцентрали, меѓутоа тоа значи дека затворањето на капацитетите на фосилни горива не смее да биде нагло, бидејќи може да биде клучно за одговор на еднократни пикови во цените на електричната енергија како тој низ кој сега живееме – дополнува Петрески.

Земјите може да доживеат сериозни турбуленции

Дека светот се менува смета и професорот Здравко Савески, кој потенцира дека не се само случувањата во Украина причина за промените туку и други околности, како што се климатските промени, кои придонесуваат кон поголеми промени во начинот на кој функционираат светот и економиите.
– Германскиот канцелар Шолц е сосема во право дека завршуваат и глобализацијата и периодот на евтини производи и услуги. Пред нашите очи се случуваат трендови што ги менуваат основите на поредокот во последните 30 години. Па одеднаш работи што сме ги земале здраво за готово како дадени, сега може да претрпат сериозна промена. Тоа ги вклучува и евтината храна и евтината енергија. И не станува збор само за ефект од империјалистичкото расправање околу Украина, туку се работи и за долготрајниот ефект на климатската криза.
Самата украинска војна, а потоа и економското војување од страна на САД и нивните сојузници, создаваат економски турбуленции низ светот, кој веќе беше погоден од економски проблеми. Први на удар ќе бидат земјите од длабокиот југ. Веќе има силни социјални протести поради повишувањето на цените на горивата и храната во Шри Ланка и во Перу. А бројот на земјите допрва ќе се множи. Дури и земјите од граничните подрачја на југот (како Македонија), па и богатите земји може да доживеат сериозни турбуленции – укажува Савески.
Според него, Македонија мора да посвети посебно внимание на обезбедување пченица за сопствени потреби за да не се соочи со целосен недостиг од овој продукт.
– Кај нас, исклучително е загрижувачка состојбата со пченицата и таа може да предизвика недостиг од леб, а не „само“ негово поскапување. Она што треба да го направи власта во овој период е да го стави земјоделството како свој прв приоритет. Кај нас политичката класа е длабоко заглавена во убедувањето дека светот е неменлив и дека нас ништо не нѐ фаќа. Но ако не се почне што е можно побрзо да се зема предвид дека ова е 2022 година и се живее во илузијата дека може да се тера со „политиката како досега“, тоа само гарантира дека ударот што ќе се претрпи, ќе биде дополнително тежок – предупредува Савески.

Прекини во синџирите на снабдување

Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров, за „Нова Македонија“ потенцира дека проблемот со растот на цените е комплексен и додава оти тоа значи дека за намалувањето на инфлацијата ќе биде потребен поголем период.
– Огромните буџетски дефицити што ги направија владите заради намалување на проблемите предизвикани од корона-кризата, беа првиот сигнал дека ќе се поттикне инфлацијата. На ова се надоврзаа проблемите со снабдување со енергентите, најпрвин високиот раст на цената на струјата, а потоа со почетокот на украинската криза и на нафтата и гасот. Енергијата е значајна ставка во цената на чинење на многу артикли. Од друга страна, растот на цената на еден вид производи води кон раст и на другите цени и на крајот доаѓа очекуваната инфлација од страна на потрошувачите, која дава уште поголем поттик на инфлацијата – вели Димитров.
Нашиот соговорник посочува оти продолжувањето на воениот конфликт во Украина и санкциите изречени од Европската Унија кон Русија го комплицираат снабдувањето со енергенти, а особено со гас во Европа.
– Исто така се прекинаа синџирите на снабдување помеѓу Украина и Русија со остатокот на светот. Ова предизвикува проблеми во снабдувањето на многу фабрики, не само во Европа туку и остатокот од светот. Неостварувањето на сеидбата во Украина ќе предизвика недостиг од лебно жито, но и сурово масло за јадење во целиот свет. Така, растот на цените на храната станува неизбежен. Се разбира дека посиромашните земји, како што е нашата, ќе имаат поголеми проблеми во снабдувањето со енергија и прехранбени продукти. Ова најдобро се виде со почетокот со снабдувањето со вакцини против ковид-19. Македонија има можности за зголемување на земјоделското производство, а особено на производството на пченица. Поранешните земјоделско-индустриски комбинати имаа годишни програми за разорување на нови површини и секоја година ги зголемуваа површините засеани со пченица. Ние во овој момент дозволивме огромни површини во државна и приватна сопственост да останат необработени. Од друга страна, начинот на доделување на субвенциите по хектар, наместо по произведено количество не ги дава посакуваните резултати. Можеби оваа криза конечно ќе нѐ натера да ги смениме субвенциите и да направиме окрупнување на земјоделските парцели – потенцира Димитров.