Фото: Игор Бансколиев

Воведувањето на законското решение за недела неработен ден им забранува на занаетчиите да работат во недела, поради што некои од нив стравуваат од целосно затворање на дуќаните, бидејќи значително им се намалуваат приходите. Од Занаетчиската комора бараат да им се овозможи на регистрираните занаетчии да можат да работат во недела, бидејќи, во спротивно, може да се поттикнат сивата економија и нелојалната конкуренција

Сѐ поголем број занаетчии алармираат дека поради неработната недела значително им се намалуваат можностите за остварување профит, поради што стравуваат од целосно затворање на своите дуќани. Некои од занаетчиите истакнуваат дека во согласност со законот, за голем дел од професиите нема никаква можност да работат во недела, ниту оние занаетчии што сами се сопственици и сами работат во својот дуќан, односно нема можност самиот газда да се пријави и да работи во недела.
– Кога се носеше законот за неработна недела, сметав дека е позитивен и дека нема да имам штета ако јас како сопственичка на дуќанот сама работам, односно отворам неколку часа во недела, како што правев претходно. Бев за законот, за да им се овозможи на многу работници што работат секој ден да добијат слободен ден. Како шнајдерка, работам втора смена, така ми одговара, ем за прием на муштерии, ем за да ги завршам домашните обврски. Мене голем проблем ми претставува што сега никако не смеам да работам во недела. Претходно, понекогаш можев да си земам ден, доколку имам потреба да завршам приватно свои потреби, а потоа да компензирам и да си ја завршам работата за клиентите и во текот на викенд. За мене голема предност беше што можев во недела да отворам барем на два часа, бидејќи тогаш договарав најголем дел од работата. Сега бидејќи не можам да се пријавам дека ќе го отворам дуќанот, не отворам, но затоа работата ми е намалена. Се надевам дека со затоплувањето ќе има и повеќе луѓе во попладневните часови, па ќе има и повеќе работа – вели една скопска шнајдерка.
Но не се само кројачите и шнајдерите ставени во неможност да работат во недела, напротив, листата на занаетчии што не можат да работат во недела е многу поголема, почнувајќи од фризери, шминкери, цвеќари, козметичари, молери, паркетари, плочкари…

– Во согласност со законското решение и измената на Законот за работни односи („Сл. весник на РСМ“ бр. 288/21), дозволено им е само на четири занаетчиски дејности да работат, и тоа производство на леб и слатки во свежа состојба (пекарници и слаткарници), фотографски дејности, печатење и издавање весници (печатници). За сите други дејности е забрането да работат во недела. Со тоа што на занаетчиите регистрирани во согласност со Закон за занаетчиство, и тоа пекари, слаткари, фотографи и печатари, не им се дозволува продажба на нивните производи туку само производство, што доведува до уште поголем револт кај занаетчиите. Тие се прашуваат зошто да произведуваат производ што не може истиот ден да го пласираат на пазарот, особено прехранбените производи што не траат повеќе од еден ден, како бурек, бели печива, слатки – посочува Анета Атанасовска, извршна директорка во Занаетчиската комора.
Од Комората веќе имаат поднесено барање да се прошири листата на дејности што ќе може да работат во недела, бидејќи се стравува оти некои дуќани би можеле целосно да прекинат со работа доколку неделата остане неработен ден. Претставниците на Занаетчиската комора посочуваат дека барање за да работат во недела имаат поднесено повеќе услужни дејности, како што се фризер, декоратер на настани, шминкер, цвеќар, поправка на апарати за домаќинствата, а од секторот занаетчиско производството измени на условите за работа во недела бараат и пекарите и слаткарите и истакнуваат дека веќе се поднесени барања до надлежните институции за да биде проширен опфатот на занаетчии што ќе можат да работат во недела.
– Поднесени се барања до надлежните институции. Ставот на Занаетчиската комора-Скопје е дека самостојниот вршител на дејност, занаетчијата, не е работник во согласност со Законот за работни односи, бидејќи тие за себе не исплаќаат плата, не исплаќаат регрес за годишен одмор и не експлоатираат работнички труд. Сметаме дека самостојните вршители на дејност може да работат во недела, но бараме надлежните институции писмено да се изјаснат по ова прашање – објаснува Атанасовска.

Од Занаетчиската комора посочуваат дека изминативе две години откако е почната ковид-кризата занаетчиите се соочиле со огромни загуби, поради што некои од нив биле принудени и да одјавуваат работници поради недостиг од финансии да ги исплатат. Оттаму додаваат дека со воведувањето на законското решение за недела неработен ден им се забранува на занаетчиите да работат во недела, што претставува уште еден голем проблем за нив, но и дополнително влијае кон опасноста од затворање на занаетчиските бизниси.
– Ова законско решение само им даде можност на нерегистрираните вршители на дејност да остваруваат поголем промет во недела на штета на бизнисот што е регистриран и редовно плаќа придонеси. Нерегистрираните вршители на дејност (фризери, козметичари, маникир и педикир, молери, паркетари, плочкари), бидејќи никој не ги контролира, си работат од понеделник до недела и остваруваат промет. Како пример ќе ги наведеме цвеќарите, кои не можат да работат во недела, но, за разлика од пријавените, регистрираните дуќани, дивите продавачи на цвеќиња во Бутел и на зелените пазари остваруваат најголем промет во недела затоа што тие се во моментов единственото место каде што може да се купи цвеќе во недела – укажува Атанасовска.
Наедно од Комората апелираат да им се даде можност на занаетчиите сопственици на бизнисите да работат, затоа што со затворањето на дуќаните во недела многу дејности ќе соочат со финансиски тешкотии. Исто така истакнуваат дека со намалувањето на побарувачката на нивните услуги резултатот ќе биде многу неповолен за занаетчискиот сектор.

Наспроти неможноста на занаетчиите да ги отворат сопствените дуќани во недела, јавноста веќе е сведок дека работат голем број пекарници, но и маалски дуќани на повеќе локации во главниот град и во целата земја. Упатените објаснуваат дека оние пекарници што не се регистрирани во согласност со Законот за занаетчии, туку како трговски субјекти, имаат можност да работат во недела. Исто така, законот предвидува и сопствениците на трговски дуќани да отворат во недела доколку самите ја извршуваат дејноста. Поради ваквите состојби, инволвираните потенцираат дека со овој закон се ставаат во нерамноправна позиција занаетчиите што работат за себе, кои немаат вработено работници, додека е овозможено да работат истите занаети ако се сместени во некои од затворените трговски центри во главниот град, каде што дуќаните може да се отворени и во недела.