Фото: Игор Бансколиев

Нашата држава, но и повеќето земји во актуелниов миг, дури и многу од поразвиените, се во слична ситуација, при што одржливоста на пензиските фондови и досегашниот концепт на пензионирање се во надолен тренд. Поради тоа, кај нив веќе извесно време се водат сериозни дебати за одржливоста на досегашниот концепт на пензионирање, како заради непречено одвивање на јавните функции и задоволување на потребите на пазарот на трудот така и заради одржливост на пензиските фондови

Одржливоста на пензиските фондови и досегашниот концепт на пензионирање во надолен тренд

Загриженоста за кадровскиот потенцијал во правосудството што, откако во Собранието не поминаа предложените измени во Законот за работни односи, со јавноста ја сподели министерот за правда Никола Тупанчевски, веќе со години, како што е познато, е присутна кај работодавците во реалниот сектор. Но дали навистина тоа веќе станува проблем и за најголемиот работодавец во Македонија, државата, најдобро може да се види од последните статистички податоци за населението.

Измените во Законот за работни односи не поминаа и куп судии и обвинители во пензија заминаа

Поради пропаѓањето на предложените измени во Законот за работни односи, кои предвидуваа продолжување на мандат на судиите и обвинителите за уште три години, на први јули во пензија заминаа 42 судии и 11 обвинители со исполнет услов за старосна пензија, за кои, според министерот Тупанчевски, тешко ќе се најде замена. Реални ли се тврдењата за дефицит на кадрите во правосудството, е тема за која уште се дискутира, но она што веќе е апсолвирано е дека подолг период недостигаат кадри во јавното здравство, за последниот попис на населението едвај се собраа доволен број попишувачи, а голем дел од над 130-те илјади вработени во јавниот сектор се пред пензионирање. Достапните проекции на населението покажуваат дека во наредните 30 години, застапеноста на работоспособното население, односно лицата на возраст 15-64 години во земјава, ќе се намали за 21 процент.
Но тоа не е проблем само на Македонија. Повеќето земји, дури и многу од поразвиените, се во слична ситуација, поради што кај нив веќе извесно време се водат дебати за одржливоста на досегашниот концепт на пензионирање, како заради непречено одвивање на јавните функции и задоволување на потребите на пазарот на трудот така и заради одржливост на пензиските фондови.
Германската централна банка, неодамна предложи старосната граница за пензионирање, која во Германија до 2029 година ќе изнесува 67 години, да се приспособи на генералниот раст на животниот век.
– Поврзувањето на старосната граница за пензионирање со просечниот животен век, долгорочно би го стабилизирало пензискиот систем – се вели во извештајот на банката, во кој се објаснува дека „одложеното“ пензионирање значително го намалува притисокот и врз системот на пензиско осигурување и врз државниот буџет.
А освен поради разликите во законски пропишаните граници за пензионирање, Македонците имаат за неколку години пократок работен век од граѓаните на европските земји, па дури и од земјите во регионот, поради тоа што релативно подоцна се вработуваат.

Во Македонија во просек работниот век е пократок десетина години отколку во скандинавските земји

Анализите покажаа дека во Македонија во просек се работи девет години помалку отколку во Данска, или од 10 до 11 години помалку од работниците во Шведска и во Холандија.
Меѓу земјите-членки на ЕУ, Шведска и Холандија имаат најдолго траење на работниот век (42 и 41 година во 2019 година). Нив ги следат Данска (40 години), Германија (39,1 години) и Естонија (39 години). Во Македонија, работниот век е 31,7 година, според податоците на Евростат, кој пред неколку години пресмета и дека просечниот животен век во земјава е зголемен за околу две години во периодот од 2009 до 2018 година. Тој, во дадениот момент, изнесувал 76,7 години, додека европскиот просек бил 81 година.
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка (СБ) повеќепати досега предупредуваа на наодржливоста на пензискиот систем во Македонија, а како главна причина го наведуваа трендот на стареење на населението. Поради тоа, тие најчесто предлагаа старосната граница за пензионирање да се крене од сегашните 64 на 67 години за мажи и од 62 на 64 години за жени.

– Ако не се преземат мерки за одржливост на фондот, дефицитот на фондот од 4,5 отсто од БДП во 2030 година ќе достигне 10,5 отсто – беше едно од нивните предупредувања.
Поради неподготвеноста на сите политички гарнитури во земјава да ја следат економската логика, на овој план сѐ уште ништо не е направено. Свесни дека тоа наскоро нема да се случи, дел од домашните економисти во меѓувреме понудија преодни решенија.
– До моментот на пораст на старосната граница за пензионирање да се воведат стимулативни програми за доброволно подоцнежно одење в пензија, преку воведување дополнителна премија, повисока заменска стапка или еднократен надомест – е едно од решенијата што во својата студија за одржливост на пензискиот систем во Македонија го наведоа нејзините автори Благица Петрески и Павле Гацов.
Дали во светлото на новите пописни статистики, но и на сега веќе сосема опипливите проблеми не само во реалниот туку и во јавниот сектор, креаторите на политиките ќе се осмелат на подлабоки резови или ќе одат со „помеки“ решенија, за кои веќе се размислува дури и во државите со многу повисоки старосни граници за пензионирање, според упатените, веќе не е прашање за политичко поткусурување, туку нужност. Д.М.М.