За енергетиката во Македонија: околу природниот гас (2)

Пред неколку месеци, Владата на РМ (односно „НЕР АД“ Скопје) потпиша меморандуми за учество во неколку проекти со компании од Грција за изградба на: терминал за течен природен гас во Александруполи, гасна електроцентрала во тоа место и изградба на интерконекција за пренос на гас од Грција до РМ. Од наша страна, учеството во тие инвестиции би изнесувало над 120 милиони евра.
Веднаш да кажам дека проектот за интерконекција за пренос на гас би бил добра и оправдана инвестиција, бидејќи денес имаме само еден цевковод за снабдување со природен гас (од Бугарија), така што во случај на прекин на таа врска, Македонија ќе остане без гас. На пример, во денешната воена ситуација во Украина со Русија постои веројатност за таков прекин. Диверзификација во снабдувањето со гас е неопходна, а тоа го имаат речиси сите држави.
Во врска со нашето учество во изградба на терминал за течен природен гас (ТПГ) треба да се направи подлабока анализа од повеќе аспекти. Треба да се знае дека цената на ТПГ е секогаш повисока, бидејќи тој се втечнува на -162оЦ и за тоа се троши енергија. ТПГ е погоден за морски транспорт на големи растојанија со специјални големи танкери, но и транспортот ја покачува цената. Се истоварува (преточува) во специјално направени складишта (терминали), од кои, по претходна регасификација, со гасоводи се вршат натамошен транспорт и дистрибуција до потрошувачите. За РМ гасот добиен од терминалот во Грција секогаш ќе биде со повисока цена во споредба со гасот добиен од гасоводот од Русија (или од друг гасовод во иднина). Но ако се земе предвид можната појава на кризни ситуации (енергетски, економски, воени…), можеби е добро да се има резерва за снабдување со гас од течен терминал. Потребно е да се направи подетална анализа.

Во однос на можното учество на РМ во изградба на гасна термоцентрала од 800 мегавати во Александруполи, мое мислење е дека тоа треба да се откаже ако не е доцна. Како што е кажано погоре, денес најчесто се градат гасни постројки со комбинирано производство на електрична и топлинска енергија (Те-То). Бидејќи во Александруполи нема потенцијален конзум за топлификација, централата ќе биде наменета само за производство на електрична енергија. За нас подобра варијанта е да се изгради Те-То во РМ, во Скопје или во некој друг поголем град, каде што ќе се користи и производството на топлина за топлификација. Од разбирливи причини, подобро е оваа инвестиција да биде во РМ отколку во друга земја. Впрочем, изградба на таква постројка е предвидена во неколку претходни стратегии за развој на енергетиката на РМ.
Сакам да укажам дека во јавноста кај нас и пошироко има погрешна перцепција за природниот гас, дека тоа е еколошко гориво, дека е гориво на иднината и дека треба што помасовно да го употребуваме. Веднаш да демантирам, гасот не е еколошко гориво, бидејќи припаѓа во групата на фосилни горива (јаглен, нафта и гас). Со нивното согорување се создава јаглерод диоксид (ЦО2), а тоа е главната причина за глобалното загревање, односно климатските промени. Тоа е и ќе биде главниот проблем во светот во децениите што доаѓаат. На овој проблем исто така државата не му посветува доволно соодветно внимание.
Но при согорување на природниот гас, емисиите на ЦО2 се помали во споредба со јагленот и нафтата. Условно означено, ако при согорување јаглен емисиите на СО2 се 100 проценти, при согорување нафта се 80 проценти, а при согорување природен гас 60 проценти. Исто така, дополнителна предност на гасот во споредба со јагленот и нафтата е што не предизвикува локално загадување, што е многу важно за урбаните средини.

Во меѓувреме, поради борбата против климатските промени, сѐ повеќе ќе се намалува употребата на природниот гас во конвенционалните системи за греење. Во некои западноевропски земји и во САД е најавена или воведена забрана на инсталирање опрема за греење со гас по 2025 година. На пример, во Австрија по 2023 година. Дека заостануваме во правилниот развој на енергетиката е фактот што во РМ сѐ уште се градат магистрални гасоводи, а изградбата на дистрибутивните мрежи уште не е ни почната.
Да резимирам. Гасот не е еколошко гориво, но е со помал емисиски фактор на ЦО2 во споредба со јагленот и нафтата. Тоа значи дека природниот гас претставува еден вид транзициско гориво, бидејќи заедничка цел во светски рамки е да се постигне нето-нула емисии на стакленички гасови до 2050 година. Ова произлегува од Парискиот договор за климатски промени, каде што се предвидува максимално глобално затоплување од 1,5оЦ на Земјината атмосфера во споредба со прединдустрискиот период. Во овој период интензивно ќе се градат системи за производство на електрична енергија од обновливи извори, главно од сонце и ветер, но тие не се постојано стабилни произведувачи бидејќи, кога нема сонце или ветер, тие не произведуваат електрична енергија. Во тие „мртви“ периоди се вклучуваат во погон хидроцентрали и/или гасни комбинирани постројки. Значи, мора да има и стабилни произведувачи на електрична енергија.

Авторот е редовен професор на Машински факултет – Скопје