Извозно ориентираните претпријатија во Македонија во големо мнозинство, 96,4 отсто, ја поздравуваат иницијативата „Отворен Балкан“ и во неа препознаваат потенцијал што ќе им овозможи раст на нивните компании.
Ова е резултат од истражувањето на аналитичкиот центар „Аналитика“ за перцепцијата на извозно ориентираните компании за иницијативата „Отворен Балкан“.
Прашани за споредба меѓу актуелната иницијатива ЦЕФТА за регионална соработка со „Отворен Балкан“, бизнисмените велат дека ЦЕФТА е добра, но не и доволна, затоа што таа не овозможува целосно отворени граници и очекуваат дека „Отворен Балкан“ целосно ќе го либерализира протокот на границите и во голема мера ќе ја намали потребната документација што компаниите треба да ја приложат при преминувањето на границата.
Претставниците на компаниите опфатени со истражувањето велат дека од 6 до 8 отсто од трошоците при извозот губат на задоволување на комплицираните бирократски и административни процедури што постојат во процесот.
Ова истражување исто така покажува дека компаниите имаат многу лесни процедури кога извезуваат во земјите-членки на ЕУ за разлика од оние што се во непосредното опкружување а не се земји-членки на ЕУ.

Во таа смисла, компаниите очекуваат дека со „Отворен Балкан“ ќе ги добијат истите можности како при извозот во ЕУ, со оглед на тоа што земјите од Западен Балкан имаат значаен потенцијал за развој на домашните компании.
Компаниите исто така го потенцирале значењето од предвидената иницијатива во рамките на „Отворен Балкан“ во однос на либерализацијата на работната сила, која ќе овозможи да се работи во земји-членки на „Отворен Балкан“ и притоа да можат да се користат и социјалното и здравственото осигурување.
На презентацијата на ова истражување присуствуваше и премиерот Димитар Ковачевски, кој потенцира дека иницијативата „Отворен Балкан“ во ниту еден случај не е супститут за остварување на стратегиската цел членство во ЕУ, туку само алатка што ќе го забрза процесот на европската интеграција.
– Прашање на време е кога на Северна Македонија, Албанија и Србија кон оваа иницијатива ќе им се приклучат и Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина – изјави Ковачевски.
Тој исто така најави дека шефовите на држави и влади членки на оваа иницијатива ќе се состанат повторно во април во Охрид, каде што ќе се разговара за унапредување на соработката во областа на културата, туризмот и потребите на младите.