Фото: Игор Бансколиев

Новиот рекорден раст на цените на нафтените деривати во земјава и на светските берзи има потенцијал драстично да ги влоши состојбите во економијата и да го наруши животниот стандард кај граѓаните. За да го амортизира ударот врз стопанството и граѓаните, Владата веќе донесе сет од 26 мерки. Поради исклучителната динамика на промена на состојбата со движењето на цените, за кратко време ќе се види и ефикасноста на донесените мерки, но, секако, Владата мора да има и резервен план, да биде еластична и навремено да реагира и со нови мерки, доколку е потребно, во интерес на стопанството и граѓаните „Нова Македонија“ се консултира со стопанските комори, транспортерите, Организацијата на работодавци, економистите и академиците за нивното видување на актуелните состојби и можните решенија

Цената на горивата од вчера одново рекордно порасна, и тоа бензините за 3,5 денари, а дизелот за 8,5 денари за литар. Новиот раст на цените на горивата, кои се доближуваат до астрономска трицифрена бројка од речиси 100 денари за литар, е незамапетен со децении и претставува голем удар врз стопанството и граѓаните. Пред новото поскапување на горивата, Владата излезе со сет од 26 мерки, кои тежат дури 400 милиони евра, но прашање е колку тие ќе помогнат за зачувување на животниот стандард на граѓаните и ликвидноста на компаниите. Дотолку повеќе што веднаш по објавата на мерките на Владата горивата пак рекордно поскапеа. И додека Владата планира разни мерки и апелира тие побрзо да се изгласаат во Собранието, Регулаторната комисија за енергетика донесе нова одлука, со која нафтените деривати повторно поскапеа, и тоа бензините за 3,5 денари, а дизелот за 8,5 денари за литар. Растот на цените на нафтените деривати во земјава и на светските берзи создава загриженост и кај граѓаните и кај компаниите, кои се прашуваат кој ќе биде ефектот од најавата и намалувањето на ДДВ на нафтените деривати од 18 на 10 отсто или на акцизите ако цените на горивата продолжат да растат со слично темпо.
Бизнисмените велат дека помошта е добредојдена, но укажуваат оти одредени компании се на работ на опстанок, поради што ќе биде неопходна целна помош, со која ќе можат да ги намалат трошоците и да опстанат фирмите.
– Одделот превоз по сувоземен пат е во најголема криза што досега сме имале и е директно поврзан со цената на погонското гориво, кое во цената на превозот учествува од 40 до 60 отсто, во зависност од дестинацијата на превозот и количеството на стоката што се превезува.
Генерално, мерките што ги донесе Владата може да се оценат како позитивни, но за превозниците недоволни во овој момент, особено што цената на нафтата за два дена порасна на 94 денари за литар и ваквиот тренд не дава никаква сигурност и стабилност за утврдување конкретна цена на превоз што би била реална во услови кога цената на горивата се менува молскавично без претходно некоја можност навреме да се санираат последиците од неа – укажуваат претставниците на здружението „Макамтранс“.
Наедно, оттаму посочуваат дека носењето на најавените владини мерки може да биде доцна за компаниите ако се има предвид колку време ќе биде потребно тие да се изгласаат во Собрание, поради што стравуваат и од затворање на некои транспортни компании.

– Измената на двата закона, за акциза и за ДДВ, во најдобар случај ќе се реализира минимум за 30 дена, што значи дека во овој период горивата може да достигнат цени што и со оваа мерка ќе станат небитни и минимални. Особено од аспект на акцизата, која скалесто ќе се менува наместо да се воведе можност како долгорочна мерка да се овозможи минимум 5 денара по литар гориво да им се враќа на сите превозници што вршат комерцијални превози. Превозниците што се наши членки, но и други што не се, од нас како репрезентативен претставник бараат да организираме средби на кои ќе се дискутира за утврдување на методологијата за пресметка на цена на превоз на стока што би била единствена за сите, за да се овозможи полесно надминување на енормно тешката ситуација за вршење меѓународен превоз на европскиот транспортен пазар. Генерално, ситуацијата е критична и постојат можности за намалување на капацитетите на возила со кои ќе работат превозниците, а за голем дел од нив постои и опасност поради неликвидност да не можат воопшто да продолжат со вршење на својата дејност – потенцираат од „Макамтранс“.

Мерките ќе ги ублажат проблемите, но нема да ги решат

Според Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, предлогот на Владата за намалување на акцизите и ДДВ може само да изврши мало ублажување на состојбите, но не и нивно решавање.

– Факт е дека во моментот кога премиерот ги соопштуваше мерките стануваше збор за намалување на цената на дизелот од 85 денари на 75 денари, но веднаш во текот на ноќта цената на дизелот скокна на 94 денари за литар. Прашање е колку ќе изнесува цената на литар гориво на денот кога Собранието на РСМ ќе го донесе законот за измена и дополнување на акцизите и данокот на додадена вредност. Мора да бидеме свесни дека и во текот на идната недела може да очекуваме одредено покачување на цената на нафтените деривати, а да се надеваме дека потоа ќе следува период на постепено намалување – посочува Димитров.

Ангел Димитров / Фото: Приватна архива

Како што вели тој, сите овие очекувања се поврзани со воената криза во Украина и мерките што се преземаат и од страна на НАТО и ЕУ, но и од страна на Русија.

– Цените скокаат поради зголемувањето на цените во Грција, од каде што ние како држава се снабдуваме со нафтени деривати. Не може ниеден снабдувач на подолг рок да продава нафтени деривати по пониска цена од онаа по која ги набавил. Затоа, добро е што Регулаторната комисија прејде на дневно усогласување на цените, во спротивно ќе бевме соочени со недостиг од нафтени деривати на бензинските пумпи, но и за индустријата. И не верувам дека Владата преку пуштање во оптек на резервите ќе го реши проблемот. Резервите се наменети во случај кога ќе настане прекин во снабдувањето од други причини, а не поради растот на цените. Ова особено кога сме свесни дека ваквата состојба ќе потрае подолг период – истакнува Димитров.

Тој смета дека Владата добро постапи што ги ограничи маржите на трговците, како за прехраната така и за нафтените деривати. На тој начин се обезбедува сите да учествуваат во решавањето на проблемот, а од друга страна нема да се доведеме во ситуација на недостиг од одредени производи.

– На крајот, треба сите да бидеме свесни за ограничените можности за субвенции од страна на буџетот. Мерките секако дека ќе придонесат за помали приходи во буџетот и потреба од нови задолжувања, но во ваква ситуација зголемувањето на долгот е побезболно решение отколку да се соочиме со голем економски пад, затворање фирми и отпуштање работници. Секако дека овие долгови ќе придонесат во иднина повеќе средства од буџетот да мора да одат за плаќање камати, но секако ќе добиеме во време и решавањето на проблемите ќе го развлечеме на подолг рок – потенцира Димитров.

Стопанствениците бараат субвенции за електричната енергија

Претставниците на Сојузот на стопански комори на Македонија посочуваат дека компаниите се наоѓаат во исклучително тешка и неизвесна ситуација. Објаснуваат дека економските оператори немаат резерви со кои би можеле да ја одржуваат нарушената ликвидност, бидејќи кризата трае многу долго, почнувајќи од пандемијата, прекините на светските синџири на снабдување, па светската инфлација и сега воениот конфликт во Украина.

– Прогнозите за наредниот период се неизвесни, без голема доза на оптимизам за надминување на состојбите. Пакетот мерки што го донесе Владата ќе имаат позитивен ефект во надминување на несаканите ефекти, но сметаме дека има простор за нивно дополнување и модификација. Во таа насока го истакнуваме нашето барање за активирање на стоковните резерви што се од круцијално значење во ваква кризна ситуација. Стоковните резерви треба да им се дадат на бизнисите по соодветно ниска цена за да се искористат во производството и излезната цена на производот да биде соодветно пониска и подостапна за потрошувачите. Важно е да се обезбеди и субвенционирање на цената на електричната енергија за деловните субјекти – велат од Сојузот.

Од ССК додаваат дека е потребна посебна поддршка за микрo, мали и средни претпријатија, кои се најголеми носители на економските активности во нашата држава, најголеми вработувачи, имаат најголем удел во БДП, а се најчувствителни на негативните ефекти.

– Важно е да се преземат мерки веднаш, да се искаже проактивност, да се носат брзи, квалитетни и ефикасни решенија за надминување на проблемите со кои се соочуваме. Сметаме дека може да се најдат модус и начин соодветно да му се помогне на бизнисот, а потоа тој ќе врти, како и досега, со повисока минимална плата, лојалноста на високо ниво. Важно е да се фокусираме и на тоа што може да го направиме во насока на поттикнување на домашното производство на храна, бидејќи имаме одличен потенцијал за развој на земјоделството, да се поттикне зелената транзиција за обезбедување обновливи извори на енергија и да се искористи можноста што постои за привлекување странски инвестиции, бидејќи некои од големите компании поради прекинот во синџирите на снабдување бараат нови локации за производството – потенцираат од ССК.

Економистите укажуваат на потребата од одговорно трошење и штедење

Економските експерти, пак, укажуваат на сериозноста на ситуацијата и на потребата од транспарентно и одговорно раководење со институциите, како и штедење, односно одрекување од непотребните трошоци.

Универзитетскиот професор и академик Абдулменаф Беџети вели дека се соочуваме со длабока енергетска криза и закана од инфлација, како и многу други земји во регионот.

– Во ситуација на континуирана фискална експанзија и во услови на растечка инфлација, неопходно ќе се наметне потребата од умерено монетарно ограничување, со основен инструмент – оној на основната каматна стапка. Во спротивно, економијата ќе се „загрее“ и онака ќе се стимулира инфлациската спирала. Ако ова е придружено со намалување на економската активност, може да ни се претстави и тридимензионалниот проблем – стагфлација, што значи и зголемување на инфлацијата, економско намалување и ниска вработеност – смета Беџети.

Абдулменаф Беџети / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според него, во овие околности, Владата треба што поскоро да ги менаџира очекувањата и засега, за време на руско-украинската војна, да не презема мерки што не може да си ги дозволи од фискален, паричен и реален аспект.
– Со многу одговорност и транспарентност да ја објасниме ситуацијата, да покажеме реални ресурси, да побараме трпение и разбирање од граѓаните и со личен пример да докажеме и покажеме разумност и штедење од сѐ што не е потребно во моментов. Второ, нафтените деривати, освен оние за економски активности, како што се земјоделството или транспортот, не треба ни да замислуваат намалување на даноците или субвенционирање на цените за поединечни возила. Трето, треба да го подготви ребалансот на буџетот што е можно поскоро, обидувајќи се да се зголемат приходите – укажува Беџети.


Во најава затворање на некои бензински пумпи

Воведувањето нова маржа за трговците со горива, односно нејзиното драстично намалување за 33 проценти, ќе ги принуди сопствениците да ги затворат бензинските пумпи во источниот дел на државата.
– Маржата и претходно беше навистина мала, но со сегашното намалување нашите загуби ќе бидат екстремно високи. Тие што ги носат овие одлуки треба да имаат предвид дека иако маржата се намалува, придонесите остануваат на исто ниво, што значи дека ние и понатаму треба да исплаќаме плати како маржата да не е променета. Дополнителен проблем, кој се провлекува со години, се и дивите, подвижни, бензински пумпи, кои нелегално функционираат на паркинзи и каде што гориво се продава и купува во буриња. Поради сите овие крајно непазарни услови, ние нема да имаме избор и ќе ставиме клуч на нашите бензински пумпи – вели Гоце Хубрев, претседател на Здружението на брендирани и приватни бензински пумпи што работат во источниот дел на Македонија.
Од компанијата „Макпетрол“ укажуваат дека намалувањето на маржите за трговија со горива создава непазарни услови што ќе доведат до криза со снабдувањето со нафта и нафтени деривати.
– Ваквите мерки, кои што РКЕ и другите институции ги носат без никаква консултација со трговците, во овој случај со нафта и нафтени деривати, се несоодветни на глобалната криза, од која особено се зафатени компаниите што се занимаваат со снабдување гориво. Овој сектор изминативе недели веќе работи со загуба поради несоодветната методологија за пресметка, што доведува набавните цени да се повисоки од постојната малопродажна. Со дополнителното намалување на маржите, загубите ќе бидат огромни. Укажуваме дека тоа може да принуди одредени трговци да престанат да продаваат гориво, а тоа е опција што и „Макпетрол“ сериозно ја разгледува – истакнуваат од компанијата.

Катерина Михајлова
Петранка Огнаноска