За да се реши проблемот со парното греење во Скопје, Владата ќе покрие 80 отсто од разликата меѓу актуелната до реалната цена на топлинската енергија, а останатите 20 отсто да ги покријат Град Скопје и Општинитe e предлогот што го дадоа денеска министерот за економија Крешник Бектеши и претседателот на Регулаторна комисија Марко Бислимоски. Со тоа, како што велат, компаниите ќе имаат пари да набават гас со оглед дека цената на берзите секој ден се менува и зголемува.

„Разликата од актуелната до реалната цена на топлинската енергија Владата во име на домаќинствата и јавните институции ќе ја уплати на ‘Балкан енерџи груп’ (БЕГ), а БЕГ ќе ги намали сметките на потрошувачите. Тоа значи дека потрошувачите нема да добијат повисоки сметки за топлинска енергија. Ги повикуваме Град Скопје и Општините во рамки на своите буџети да се вклучат во поддршката, со цел да се ублажи притисокот од ликвидноста што ја имаат компаниите кои што го снабдуваат со топлинска енергија Скопје. Оваа мерка ќе важи во текот на цела година“, рече Бектеши.

Тој кажа дека за оваа мерка со која зимава граѓаните нема да останат со ладни домови, Владата ќе треба да издвои околу 5 милиони евра, додека Град Скопје и Општините 1 милион евра.

Бислимовски кажа дека сите треба да покажат солидарност во овие услови на незапаметена енергетска криза, со цел да се намалат ефектите од неа врз граѓаните.

„Уште еднаш сакам да кажам дека проблем се финасиите за набавка на гас, кој ќе биде решен со овој предлог доколку компаниите, Градот Скопје и Општините го прифатат“, рече Бислимоски.

По зголемување на цената на природниот гас на светската берза компаниите, како што е случај со „Топлана Север“, не испорачуваат топлинска енергија, а корисниците на мрежата на БЕГ се жалат дека радијаторите се млаки и дека немаат греење во одредени периоди од денот.