Фото: Архива

Проблемот не е само во висината на долгот, туку во тоа за што се искористени парите од задолжувањата, бидејќи со непродуктивни трошења, Македонија од поодамна е во опасна зона на задолженост, при што мора да се фокусираме на приоритетни и капитални проекти

Економијата во нашата држава се соочува со тешкотии што ќе вршат притисок врз макроекономската стабилност поради неквалитетното трошење на јавните финансии, кои создаваат високо ниво на јавен долг, проследено со раст на инфлацијата. Сегашното ниво на долгот е во ризична позиција и мора да се наоѓаат мерки што ќе водат кон негово намалување. Според фискалната стратегија на Владата 2022-2024, jавниот долг на крајот на 2020 година изнесуваше 60,2 отсто, во првиот квартал во 2021 изнесува 61,2 отсто, во вториот квартал 63,1 отсто и на крајот на третиот квартал се спушти на 59,3 отсто. За годинава е предвидено долгот да не надмине над 63,9 отсто од БДП.

Професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети, вели дека оптималното ниво на долгот е околу 53 отсто и дека од 2017 до 2020 година, јавниот долг се движел во границите од 50 отсто од БДП.

– Просторот што постоеше сѐ до 2008 година, кога јавниот долг изнесуваше околу 26 отсто од БДП, „се потроши“ за шест-седум години преку проектот „Скопје 2014“. Некои економисти ја квалификуваат оваа висина на јавниот долг како умерена, но нашите научни анализи за оптималното ниво на јавниот долг покажуваат дека прагот на позитивна корелација помеѓу долгот и растот изнесува околу 53 отсто. Имено, овој резултат се совпаѓа и со сознанијата во истражувањата, врз основа на кои јавниот долг на земјите во развој треба да изнесува околу половина од оној во развиените земји, кој, пак, според врвните светски економисти, е утврден помеѓу 90-100 отсто од БДП – посочува Беџети.

Според него, проблемот не е само во висината на долгот, туку во тоа за што се искористени парите од задолжувањата, бидејќи со непродуктивни трошења, Македонија од поодамна е во опасна зона на задолженост, додавајќи дека мора да се фокусираме на приоритетни и капитални проекти.

Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, вели дека високиот јавен долг од над 61 отсто од БДП, растечките трошоци за камати и високите потреби за рефинансирање на долгот нема да дозволуваат како во минатото преку големи инфраструктурни проекти да го поттикнуваме економскиот развој.

– Во вакви услови во иднина нема да можеме да се потпираме на нови задолжувања од странство, туку средствата за развој на економијата ќе мораме да ги бараме и во домашно штедење и намалување на непродуктивните трошоци. И ако во земјава не се создаде доволна критичка маса за потребите од реформи, тогаш ништо од забрзан економски развој – укажува Димитров.

Според академикот Таки Фити, мерките за добро менаџирање на јавниот долг, што поради пандемијата надмина 60 отсто од БДП, треба да бидат насочени кон намалувања на владината непродуктивна потрошувачка или зголемување на даноците или да се комбинираат двата пристапа.

– Најдобар пристап за земјата е оној што вели дека во основа максимално треба да се редуцира непродуктивната владина потрошувачка, а може да се оди и со блага прогресивност на даноците – истакна Фити.

Поранешниот гувернер посочи дека е очекувано јавниот долг да расте, односно да расте вкупната сума што ја должиме како држава, а ќе расте и процентот на јавниот долг од БДП следниве години, но потоа се очекува да стагнира.

– Во случај ако нашиот бруто-домашен производ расте над 4 отсто, а дефицитот е под 4 отсто, тогаш може да почне да се намалува процентот на долгот од БДП, но сумата и понатаму ќе продолжи да расте. Самата сума не кажува доволно за задолженоста на една земја, апсолутниот раст не зборува доволно. Но како процент од БДП задолженоста дава поинаква слика. Ако БДП порасне повеќе отколку што расте јавниот долг, значи дека товарот на државата се намалува. Затоа велиме апсолутната сума не е пресудна, туку колкав процент истата таа опфаќа од БДП – објаснува Гошев.