Фото: Маја Јаневска-Илиева

Трговскиот дефицит отвора многу прашања. Зошто перманентно со децении сме во трговски дефицит? Како да му се стави точка на тој негативен економски феномен? Според економските аналитичари, проблемот со трговскиот дефицит во земјава е многу комплексен, а со растот на увозот стопанството дополнително ја губи конкурентноста

Последните податоци што ги објави Државниот завод за статистика покажуваат дека вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија, во периодот јануари-април 2022 година, изнесува 2.622.000.000 илјади евра и бележи пораст од 15,1 отсто во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 3.922.662.000 евра, што е за 27,3 отсто повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари-април 2022 година, изнесува 1.300.662.000 евра. Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари-април 2022, изнесува 66,8 отсто.

Трговскиот дефицит отвора многу прашања. Зошто перманентно со децении сме во трговски дефицит? Како да му се стави точка на тој негативен економски феномен? Дали пандемијата и руско-украинската криза, кои ги зафатија светот и нашата земја, резултираа со удар врз извозните компании? Како да се намали увозот? Клучна тема е и зголемувањето на извозот, а тоа е прашањето на кое Македонија ќе успее или не во иднина.

Увозот на еврозоната од остатокот од светот порасна повеќе од двојно од извозот за првите три месеци од годината, покажуваат податоците на европската статистичка служба „Евростат“.

Во периодот јануари-март, извозот од еврозоната во остатокот од светот се искачи на 666,7 милијарди евра, што е раст од 16,6 отсто на годишно ниво, додека увозот порасна на 719,1 милијарди евра (раст од 39,7 отсто годишно).

Како што вели економскиот експерт Здравко Савески, во првиот квартал од 2022 година увозот во Македонија, веќе типично, порасна повеќе отколку извозот.
– Украинската војна и економското војување околу неа создадоа големи проблеми во сите економии во светот, вклучувајќи ја и македонската. За да се минимизираат ефектите, а можеби и да се искористи шансата, македонските извозници треба да се стремат да ги пополнат дупките што на европските пазари се отворија поради санкциите на руските фирми и поради други нарушувања. Исто така, наш исклучително голем проблем е увозната зависност од многу прехранбени производи. Ако минатите години тоа беше состојба над која само се ламентираше и се оставаше на (не)милоста на пазарот, сега резултатите од невложувањето во земјоделството, поради украинската војна и климатската криза, може да станат катастрофални – посочува Савески.

Фото: Игор Бансколиев

Оттука, како што додава тој, власта мора да му обрне значително поголемо внимание на земјоделството, а тоа, меѓу другото, ќе го подобри нашиот трговски биланс.
Економистот Горан Рафајловски потенцира дека проблемот со трговскиот дефицит во земјава е многу комплексен, а со растот на увозот стопанството дополнително ја губи конкурентноста.
– Проблемите се многубројни и во повеќе области, почнувајќи од лон-производството, кое зависи од нарачките од странство, од партнерите во странство што во пандемијата и од друго место го обезбедиле потребното количество стока, дополнително транспортните проблеми, поради што се одлучуваат и за поскапи варијанти, но не и за лон-производство, како што се применува кај нас. Бевме сведоци на затворени текстилни компании, и тоа е само една од причините зошто имаме намален извоз и намалено производство. Но проблемот е уште поголем. Немаме македонски производ што може да се пласира на пазарите, но и немаме компании што можат да конкурираат на странските пазари, туку претежно имаме мали компании, не компанија со тежина.

Македонија нема стопанство и производ што се извезува. Затоа велам дека проблемот е многу комплексен и потребни се системски решенија што ќе понудат излез од ситуацијата, да се утврди во кој правец ќе се движи македонската економија, каде што ќе се инвестира. Ако го земеме земјоделството како сектор, треба да се работи на извоз на преработки, полуфабрикати, целосни производи, не само свежи продукти… Растот на дефицитот е доказ дека нашата економија нема вредност. Имаме сериозен проблем, кој е многу комплексен, дополнително нашата економија сѐ повеќе ја губи вредноста како економија – укажува Рафајловски.

Бизнисменот укажува дека состојбата со трговскиот дефицит е резултат и на политичката ситуација во државата.
– Земјоделството во нашата земја како гранка е целосно уништено.Наместо да направат мелиорациски систем, наместо да обезбедат соодветни услови за работа, од семиња, па до осигурување на нивите, потоа план и програма за обработка за окрупнување, тие даваат субвенции. Парите што се дадени во последниве 12 години за субвенции, да се инвестираа во соодветни мерки за земјоделско производство, сега ќе разговаравме за сериозни индустрии од областа на конзервната индустрија и други области. Но ние сме земја без концепт, без идеја и без желба да се поправи нешто – потенцира Рафајловски.