Роман Абрамович/Фото: Твитер - Челси

Роман Абрамович го стави фудбалскиот клуб Челси на продажба (се проценува дека зделката би изнесувала три милијарди фунти) по 19 години во кои беше во негова сопственост, отпишувајќи го долгот од 1,5 милијарди фунти на премиерлигашот кон него, заедно со ветувањето дека ќе донира пари од продажбата за жртвите на војната во Украина. Абрамович претходно го предаде управувањето на клубот на хуманитарен фонд, за да се осигури оти нема да почувствува последици од потенцијалните санкции врз него.

Рускиот милијардер порача дека ваквиот потег е во интерес на клубот, при што нагласи дека донел неверојатно тешка одлука, која уследи неколку часа откако лидерот на лабуристите Кир Стармер ја повика британската влада да воведе санкции врз Абрамович. Ваквата разврска се должи на зголемениот притисок врз богатите Руси со капитал на Западот, поради нивната наводна поврзаност со власта на рускиот претседател Владимир Путин. Абрамович се обиде и да и помогне на украинската влада во преговорите со Русија, откако почна оружениот конфликт.

Абрамович се обидува и да ја продаде неговата вила во Лондон вредна 100 милиони фунти, како и уште недвижности кои се во негов посед, а „Фајненшл тајмс“ објави дека на сличен чекор се решија и други милијардери кои престојуваат во Лондон.

Санкциите ги казнуваат најбогатите руски бизнисмени преку остро запирање на нивната 30-годишна интеграција во глобалната економија, наведува американски „Блумберг“.

– Одамна можеа да бидат воведени построги санкции, но тоа не беше сторено бидејќи руските пари се испреплетени во западните еконимии – од пентхаусите во Њујорк, до куќите во Лондон и вилите покрај на ривиерата на југот на Франција – пишува „Блумберг“, истакнувајќи дека „санкционирањето на олигарсите кои го стекнаа богатството со благослов на Кремљ го потресло Путин“.

Британската министерка за надворешни работи Лиз Трас порача дека се составува листа на која ќе се најдат олигарсите што ќе бидат цели на санкции, но им порача на британските парламентарци дека адвокатите на руските милијардери истакнале намера за оспорување на мерките.

Обединетото Кралство засега не ја следи практиката на ЕУ каде што најбогатите олигарси веќе се соочија со мерките на европскиот блок. Меѓу нив се и Михаил Фридман и Петр Авен кои во изјава за „Блумберг“ упатија апел до Русија за прекин на војната. Милијардерот Олег Дерипаска, врз кој САД воведоа санкции уште во 2018 година, преку социјалната мрежа Телеграм, побара мировни преговори.

Санкциите кон најбогатите руски државјани и врз руската економија имаат за цел да ја изолираат Русија, а „Блумберг“ смета дека означуваат и оти крајот на ерата на олигарсите е на повидок со ударот врз нив, што се согледува и во случајот на Абрамович.