Зголемувањето на минималната плата за политички популизам, а не на функционални пазарни механизми, на зголемена продуктивност и зголемена економска активност, ќе доведе до намалување на работните места, раст на цените на производите и раст на сивата економија, порачуваат од Сојузот на стопански комори (ССК). Од комората предупредија на, како што велат, „негативни ефекти од поличката и популистичка одлука за зголемување на минималната плата, која влијае на дестабилизација на и онака нефункционалниот пазар на трудот“. Укажа дека во законот има механизам за зголемување на минималната плата во март секоја година.
– Факт е дека во земјава има инфлаторни движења, но да го решавате тој проблем со зголемување на плата е како да сакате да изгасите оган со масло. Значи, под еден, ги зголемувате трошоците на компаниите што може да води кон дополнително зголемување на трошоците, до каде ќе одиме со тоа. Единствен начин за да се излезе од таква ситуација е да се постават услови за игра и развој на компаниите со повисока економска активност – кажа Благоја Грозданов, од управниот одбор на ССК. Тој дополни дека ако компаниите не функционираат во услови на ниво за повисока економска активност не може од нив да се бара зголемување на минимална плата.

Според ССК, последица ќе биде намалување на мотивацијата на вработените што досега биле попродуктивни, бидејќи голем дел од малите и средните субјекти немаат капацитет скалесто да ги зголемат платите на другите вработени. Велат дека зголемените трошоци може да доведат до намалување на вработеноста и да ги поттикнат инфлаторските движења.
– Ако Владата е искрена во својата намера да му помогне на бизнисот, но и на граѓаните, тогаш треба да спроведе мерки за намалување на стапката на придонеси и данок на личен доход, кој е на екстремно високо ниво, односно изнесува 33 проценти од бруто-платата. За споредба, во Германија изнесува 27 проценти, во Бугарија 19 проценти, во Словенија 18 проценти и во Хрватска 17 проценти. Оваа разлика реално е поголема ако се стават во однос на квалитетот на услугите што се добиваат од пензиско и здравствено осигурување – вели Александра Андреева, членка на управниот одбор на ССК.

Од комората укажуваат дека со раст на минималната плата ќе се принудат работодавачите да користат „плата во плик“. Потенцираат дека членките на ССК се залагаат за раст на платите на вработените, но врз основа на зголемена продуктивност на работната сила и зголемена економска активност.