Фото: Игор Бансколиев

Основниот правец за намалување на сиромаштијата е зголемување на бројот на вработени, поголемо производство, извоз и поголеми плати. Но Македонија сè уште има проблем со отворање нови работни места, дури бројот на активните компании се намалува наместо да се зголемува

Речиси половина милион од населението во Македонија тонат во сиромаштија. Последните податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека стапката на сиромашни лица во 2020 година изнесувала 21,8 отсто или 451.900 граѓани живеат сиромашно. Иако податоците покажуваат дека во текот на изминативе десетина години сиромаштијата се намалила за речиси шест отсто, сепак ризикот за понатамошен раст е голем поради моменталната економска криза, која предизвика раст на инфлацијата. Едно од прашањата што надвиснува е и тоа колку се реални индикаторите за сиромаштија, со оглед на големиот удел на сивата економија. Дали сивата економија произведува сиромаштија и само во почеток го решава егзистенцијалниот проблем или, пак, го мултиплицира.
Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавачи на Македонија, посочува дека големиот процент на населението што живее во сиромаштија е долгорочен проблем во Македонија.
– Таа долг период изнесуваше над 20 отсто од населението за да во 2020 година, најмногу поради реформите во социјалната заштита, падне на 17,7 отсто. Долгорочните планови предвидуваа дека до 2027 година бројот на населението што живее под прагот на сиромаштија ќе падне околу 14 отсто. Но, се разбира, ова беше оптимистичко сценарио, кое не ги предвидуваше последиците од ковид-кризата и постојните проблеми предизвикани од војната во Украина. Очигледно е дека економските проблеми во поглед на снабдување со репроматеријали, голем раст на цените на енергентите и храната влијаат на намалување на прогнозираниот економски раст, а тоа е основа за зголемување на бројот на граѓани што живеат под прагот на сиромаштија – укажува Димитров.
Според него, тука е и проблемот на инфлацијата, која ја намалува реалната вредност на платите, но инфлацијата е само резултат на нарушениот пазар на понуда и побарувачка и ги „пегла“ нарушените пазарни законитости што произлегоа од мерките на владите за намалување на проблемите предизвикани од ковид-кризата и нарушувањата на состојбите со енергентите.

– Основниот правец за намалување на сиромаштијата е зголемување на бројот на вработени, поголемо производство, извоз и поголеми плати. Но Македонија сè уште има проблем со отворање нови работни места. Дури бројот на активните компании се намалува наместо да се зголемува. Затоа е потребно да го преиспитаме нашиот однос кон претприемништвото и бизнисот. За жал, во Македонија целата енергија и расправии ги насочуваме кон поделбата на колачот – што се нарекува буџет, наместо енергијата да ја трошиме за расправа – како да го наполниме буџетот – објаснува Димитров.
Тој вели дека сивата економија исто така влијае негативно на вистинските податоци за нивото на сиромаштија, дополнувајќи дека е жално што државата многу години не успеа да ја добие битката за намалување на сивата економија.
– Во вакви услови најмногу е потребно да се мисли на ранливите групи и на лицата со посебни потреби. За сите работоспособни е потребно да ја зајакнеме контролата и да утврдиме зошто не се јавуваат на огласите за вработување и на повиците на Агенцијата за вработување. Дали работат на црно, дали имаат сопствени бизниси, кои ги работат нелегално? Во вакви услови на дигитализација е непростливо да немаме увид на население од 1.500.000 граѓани. Поврзувањето на сите регистри и податоци помеѓу институциите ќе ни овозможи да ги утврдиме вистинските состојби и да предложиме конкретни мерки – нагласува Димитров.
Од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ велат дека најздрав начин да се излезе од сиромаштија е да се работи, да се бара и да се прифаќа работа. Иако истакнуваат дека креирањето работни места во Македонија не оди лесно, сепак, укажуваат на уште еден феномен карактеристичен за нашата земја.

– Одредени сектори тешко може да најдат работници, поради тоа што нема адекватни профили, или поради пребирливоста, или поради потребата да се надградуваат работните навики. Особено на почетокот на работната кариера, неопходно е граѓаните да прифаќаат и помалку платени работни места и работни места што не се најсоодветни на нивните квалификации. Така стекнуваат искуство, мрежа од контакти, ги подобруваат работните навики, што се неопходни услови за наоѓање адекватна и подобро платена работа – додаваат од „Фајненс тинк“.
Од институтот посочуваат дека исто така сиромаштијата треба да се намали и преку системот на социјална помош, особено за лица што се привремено невработени и за оние што не се работоспособни. Тие појаснуваат дека системот треба да биде доволен за да ги извлече од апсолутна сиромаштија, но не треба да ги обесхрабри работоспособните приматели да бараат и да прифаќаат работа.


Индикатор за сиромаштија

година проценти
2020 21,8
2019 21,6
2018 21,9
2017 22,2
2016 21,9
2015 21,5
2014 22,1
2013 24,2
2012 26,2
2011 26,8
2010 27,0

Извор: Државен завод за статистика