Без резултати се преговорите со Владата за усогласување на платите на вработените во градинките и во образованието со зголемената минимална плата во државава и со колективните договори, соопшти Самостојниот синдикат за образование, наука и култура. В сабота ќе заседава Советот на СОНК и ќе бидат донесени заклучоци за идни чекори врз основа на пораките и очекувањата на членството на СОНК, кое е револтирано, рече претседателот на Синдикатот, Јаким Неделков.

Тој денеска на прес-конференција информираше дека имале средби со ресорните министри во МОН и МТСП и преговорите ги продолжиле во Владата, но нема конкретен одговор на побарувањето на СОНК ниту понуда на процент на усогласување односно зголемување на платите во дејностите образование и детска заштита. Според него, најголемиот законски прекршок е во дејноста детска заштита каде што десет различни работни позиции, согласно колективниот договор, се поистоветуваат и ќе земаат иста плата, во основно образование се работи за пет, а во средното за четири работни позиции кои се со различни коефициенти и различна сложеност на работни места, а ќе земаат иста плата.

Соопшти дека најдоцна до среда ќе се разговара и на Економско-социјален совет во Владата, под претседателство на премиерот, каде што и СОНК ќе биде поканет. Нагласи дека СОНК е конструктивен и ги разбира позициите на Владата со оглед на сите кризи и затоа ќе ги искористат, како што рече, сите можни синдикални средства за разговори и преговори за остварување на работничките права што се донесени со акти кои не се почитуваат.

Од пораките што ќе ги добијат од членството и од исходот на претстојната седница на Економско-социјалниот совет ќе решаваат за идните активности.

– Револтот во членството е огромен, особено во градинките и во основното и средното образование, во ученичките односно студентските домови, а секако и високото образование очекува да се вклопи во пресметките за усогласување на платите. СОНК е конструктивен синдикат, остануваме доследни докрај се додека не се исцрпат сите расположливи синдикални средства ќе се обидуваме да најдеме заеднички јазик со надлежните. Владата како најголем работодавец во државата не ги почитува законите и колективните договори, но тоа не треба да нѐ обесхрабри да престанеме да бараме излезно решение за зголемување на платите односно нивно усогласување во овие дејности – рече Неделков.

Доколку преговорите останат без договор, веројатно ќе биде преземена, како што рече, една од двете порадикални синдикални средства – масовен јавен протест или генерален штрајк.

– Може да се најде и алтернативно решение за синдикалните активности, но за тоа ќе имаме информации по сабота. Доколку преговорите не бидат успешни, тогаш во најбрз можен рок СОНК ќе излезе со соопштение и ќе ги кажеме нашите следни чекори. Ова не е тенденциозно и не е од сега, но е прелевање на чашата и дуење на балонот кој не може да издржи и ќе пукне. Ние нудиме системски решенија за надминување на овој проблем. Точно е дека се работи за поголема сума на средства за да се усогласат платите, но ако има расположение од двете страни, оваа ситуација сигурно ќе се надмине. Најисправно е да се донесе решение за целиот јавен сектор, а не селективно да се гасат пожарчиња во една, друга или трета дејност. Проблемот е сериозен и не треба да се става под тепих зашто кога и да е – ќе ескалира, истакна Неделков.

СОНК не ја знае точната сума што е потребна за усогласување на платите во образованието, но, рече, таа е „нешто повеќе од потрошените средства за набавка на автомобили минатата година“.

Неделков соопшти и дека Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), каде што членува и СОНК, исто така на седница на Извршниот одбор во вторник ќе донесува одлука за следните чекори за јавниот сектор.

На прашање зошто СОНК не е на иста линија со Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), Неделков одговори дека ССМ не бил заинтересиран за усогласување.

– Ние се радуваме на зголемување на минималната плата, но и на секој работник во државата, без оглед кој каде работи треба, без исклучок, соодветно да му се зголеми платата. ССМ ја искористи позицијата единствен репрезентативен синдикат на национално ниво, што е под огромен прашалник дали е така, и блискоста со владејачките партии и сега одат по претпријатија каде што се договараат за скалесто зголемување на платите. Тоа се манипулации со јавноста и членството… Ако Владата нема интерес да ги задоволи потребите на најголемиот дел вработени во јавната администрација, тоа е влада со два аршина – рече Неделков, додавајќи дека ССМ има резултати во синдикалните активности и дека се добредојдени ако СОНК организира протест.