Фото: Илустрација/Пекселс

Нема потреба од паника дека има недостаток на производи или дека ќе има недостаток. Она што ние го имаме утврдено преку документација е дека има доволно масло на залиха и нема потреба од купување на огромни количини. Сметам дека во најбрз можен рок ќе се воспостави редовно снабдување на трговските објекти и редовна продажба, порача денеска директорката на Пазарната инспекција, Анета Симеска-Димоска.

Како што кажа на прес-конференција, денеска се вршат надзори кај производителите на масло.

– Само кај еден од производителите каде е завршена контролата има рафинирано масло кое е спремно за пакување во количини доволни за три месеци согласно претходната потрошувачка и динамика која ја имал производителот. Има дополнително и суровина доволна за три месеци што значи дека во овој момент немаме проблем дека ќе има недостаток на масло за јадење – рече Симеска-Димоска и посочи дека има залиха од над 100.000 литри кои ќе се дистрибуираат кај трговците, согласно побарувачката.

По однос на цената на маслото рече дека е во рамките на очекуваното со минимални зголемени трошоци во однос на тоа како се продаваше маслото во изминатиот период и е околу стотина денари, а согласно одлуката во маркетите би се продавало до 104 денари. Ќе се контролира, потенцира, и како производителите ги калкулираат трошоците и дали се тие согласно одлуката.

За недостатокот на масло во некои градови рече дека верува оти е предизвикано од зголемената потрошувачка во изминатите денови и дека можеби не е навреме дистрибуирано во сите градови и маркети.

На денешната прес-конференција истакна дека инспекторите на Пазарната инспекција од понеделникот заклучно со вчера извршиле 200 надзори кај трговците на мало, а дел и кај трговците на големо каде контролирале цени на производи и залихи, како и почитување на законските прописи и владини одлуки.

– При тоа кај 41 субјект утврдени се прекршоци по основ на Закон за трговија и Закон за потрошувачи заради непочитување на одлуката за посебни услови за трговијата, кај 19 субјекти се констатирани прекршоци и веќе се издадени платни налози. Од нив 10 се големи трговци и платните налози им се по 7.000 евра во денарска противвредност и 350 евра во денарска противвредност за одговорното лице. Кај три субјекти се изречени платни налози по 3.000 евра за правното лице и 200 евра за одговорното лице, а кај 18 трговци издадени се прекршочни платни налози за непочитување на Законот за трговија заради немање евиденција во трговскиот објект што е основ за да се види дали се почитува или не одлуката за ограничени маржи што ја донесе Владата – рече Симеска-Димоска.

За еден субјект, додаде, издадени се прекршочни платни налози заради нечесно пазарно однесување бидејќи била констатирана залиха на масло во магацинот кое не било изложено на рафтовите на денот на контролата. Издадени се и прекршочни платни налози во три трговски објекти по Закон за заштита на потрошувачи заради условување за купување на едни производи со купување на други производи или друг начин на условување. Казната за нив е 4.000 евра во денарска противвредност за правното лице и 1.200 евра во денарска против вредност за одговорното лице.

Симеска-Димоска порача дека казните не се мерило дека Пазарната инспекција си ја работи работата или дека имаме ефикасност во работењето.

– Со самото наше појавување на терен трговците веднаш ги менуваат и усогласуваат цените. Тоа што сме постојано присутни на терен дава резултати и во овој момент имаме се помалку и помалку пријави каде има реакции дека нема одредени производи во маркетите – рече Симеска-Димоска и додаде дека најголем број на контролите биле за масло, брашно и леб, а почнале и контроли за проверка дали се почитуваат ограничените маржи на производите кај трговците на мало и на големо.

Инспекторите при контролите откриле и трговец кој набавил масло по стара пониска цена, а ја продавал по нова и поголема цена. Таму биле вратени цените според набавната цена.