Фото: Игор Бансколиев

Желбата за подобар живот и понатаму е главен мотиватор многу луѓе да заминат на работа во некои од поразвиените земји, но и целосно да се отселат. Kон одлуката за напуштање на државата придонесуваат и општите случувања во земјава, при што граѓаните се чувствуваат како цело време да се под притисок и во неизвесност. Ова треба да е поттик за државата да наоѓа решенија и мерки што ќе овозможат подобри животни услови во земјава, за луѓето да не се иселуваат

Лични сведоштва за причините и мотивите за иселување

„Заминувањето во Германија ми го промени животот целосно. Порано не верував дека ќе го направам овој чекор, ниту, пак, сакав да заминам во странство, но по неколкугодишното работно искуство во Македонија, со ниски плати, без почит, немање сигурност, по предлог на мои пријатели решив да пробам“. Со овие зборови Далибор Т. започна да ни ja раскажува својата животна приказна и одлуката да ја напушти Македонија во своите четириесетти години. Вели дека и тука имал солидна плата, но, сепак, големиот притисок на работните места, како и неможноста да најде работа каде што ќе има дефинирани работни обврски, проследени со почит од работодавците, на крајот го притиснал да замине во странство.
– По совет на мои пријатели, изминатата година учев германски јазик, забрзани курсеви за да достигнам повисоко ниво, не само основно, бидејќи за работа во Германија како инженер е неопходно знаење на јазикот, и воопшто за да се добие дозвола за работа, се бараат соодветни јазични познавања – објаснува Далибор.
Тој потенцира дека сѐ уште нема одлучено дали ќе остане засекогаш во Германија, но додава дека сѐ зависи дали ќе успее да го повлече и своето семејство таму.
Желбата за подобар живот и понатаму е главен мотиватор многу луѓе да заминат на работа во некои од поразвиените земји, но и целосно да се отселат. Можноста да се најде работа или да се промени работната позиција во богатите држави, каде што има недостиг од работници, привлекува голем број граѓани од Балканот.
– Од првиот момент кога дојдов имав договорено работно место, но и за краток период најдов нова работа по струката. Сѐ уште се борам со германскиот јазик, но имам голема помош од луѓето со кои работам. Овде се чувствувам посигурно, во поглед на полесно наоѓање нова работа доколку има потреба. Дополнително, не можам да кажам дека има толку голем притисок за извршување на работните задачи. Секако, не е лесно, има работа, но ако се сака, сѐ се може – потенцира Далибор.
Од Македонија голем број луѓе се отселија во Германија или, пак, во некои други европски земји, па и подалеку, што треба да биде поттик за домашните креатори на политики да пронајдат начин за нивно враќање или, пак, задржување на оние што сѐ уште се тука.

– Со сопругата решивме да заминеме за Германија, каде што веќе беше отселена нејзината сестра со семејството. Најпрво замина сопругата, која е медицинска сестра, бидејќи за неа со сигурност знаевме дека веднаш ќе има работа штом ќе стигне во Дортмунд, каде што беше и нејзината сестра. Потоа, благодарение на нејзината работна дозвола, обезбедивме документи и за мене и синчето. За мене на почетокот беше потешко за работа, особено што немав струка што се бара. Но по неколку променети работни места, се вработив во фабрика од автомобилската индустрија, каде што сѐ уште работам и каде што имам многу поволности. Децата веќе се вклучени во образовниот систем тука и слободно можам да кажам дека го најдовме нашиот дом. Предноста е сигурноста што ја чуствуваме благодарение на редовните плати, кои овозможуваат лагоден живот, без да се грижиш дали ќе имаш доволно за исхрана на целото семејство. Дополнително што државата и институциите целосно ги заштитуваат граѓаните, овде не може да се случи да изгубите часови или, пак, денови во вадење какви било документи – посочува Горан Велески.
Нема точни бројки ниту податоци колку луѓе заминале од земјава, таква евиденција официјално не води ниту една институција во земјава. Сепак, пописот одржан во септември минатата година треба да покаже колку граѓани ја напуштиле нашата земја.
По завршување на пописот беше соопштено дека биле попишани 1.832.696 лица, 568.175 домаќинства и 837.255 стана. Притоа надлежните потенцираа дека помалку од десет илјади луѓе одбиле да се попишат. Точните резултати од пописот се очекуваат до крајот на март годинава. Во земјава последен пат се одржа попис во 2002 година, при што беа попишани 2.022.547 лица, што сугерира дека за 20 години Македонија загубила 190 илјади луѓе.

– Со сопругот решивме да заминеме за Австралија, каде што имам роднини, кои ни помогнаа во вадење на потребните дозволи за престој во земјата. Тука сме веќе две години и, секако, планот е да останеме засекогаш, но процесот на добивање државјанство или жителство е навистина долг и тежок. Изминативе месеци за нас се вистински предизвик, бидејќи сме со мало дете, кое не можеме да го запишеме во градинка, бидејќи градинките се прескапи, па мора да работи само сопругот, јас останувам дома со синчето. На почетокот живеевме со роднините, но по неколку месеци се осамостоивме. Можностите и условите за живот се супер, но за нас голем ограничувачки фактор е тоа што работи само сопругот, кога ќе работиме двајцата, сметам дека ќе биде уште подобро. Има многу убави места за прошетка, луѓето се секогаш љубезни, веќе успеавме да создадеме и пријателства – вели Елена Кузеска.
Социологот Илија Ацевски потенцира дека многу фактори влијаат врз одлуката на нашите сограѓани да ја напуштат земјата, истакнувајќи дека се иселуваат и граѓани што навидум имаат и солидни услови за живот во Македонија.

– Перцепцијата за добар живот меѓу граѓаните е различна, особено за тоа што значи добар, квалитетен живот. Дури и оние граѓани што изгледа дека имаат подобри услови за живот сметаат дека во другите развиени земји ќе имаат уште подобри животни услови. Дополнително, и граѓани што немаат струка што се бара, или што немаат високо образование се одлучуваат да заминат, нели водени од желбата за подобар живот, тука оставаат сѐ, чувствувајќи дека немаат избор. Притоа, на ваквите одлуки поради информациската достапност луѓето се одлучуваат да заминат. Лесно можат да дојдат до информации како се живее во развиените земји, како да дојдат до документи за да заминат. Исто така имаме ситуации кога некои сограѓани заминуваат на работа низ Европа поради достапноста на летовите, со кои за два часа можат да си дојдат дома. Водени од мотивот повеќе да заработуваат и потоа лесно и брзо да си дојдат, сѐ повеќе заминуваат во европските метрополи – укажува Ацевски.
Тој посочува дека кон одлуката за работа во странство, освен животната егзистенција, придонесуваат и општите случувања во земјава, додавајќи дека граѓаните се чувствуваат како цело време да се под притисок.

– Неизвесноста ги притиска луѓето да заминат. Постојаната напнатост поради политичките случувања во земјава, политичките препукувања постојано ги има и им создаваат притисок на граѓаните. Секако, и ембаргата од соседите играат улога во општата благосостојба во земјава. Дополнително, неизвесноста дали ќе ја зачуваат работата, дали платата ќе стигне навреме, дали ќе најдат нова работа… Овие проблеми ги нема во Германија на пример, лесно може да се најде работа, нема притисок дека сѐ е лошо, дека државата може да се распадне, па многумина носат одлука да заминат. Ова треба да е поттик за државата да наоѓа решенија и мерки што ќе овозможат подобри животни услови во земјава, за луѓето што се тука да не се иселуваат – заклучува Ацевски.