Фото: Игор Бансколиев

И граѓаните и бизнис-заедницата сѐ погласно реагираат на низа недоследности и тешкотии поврзани со работењето и ефикасноста на јавната администрација. Неодамна и Владата најави подготовка на стратегија за реформа на јавната администрација (2023- 2030), нагласувајќи дека процесот на реформи во администрацијата никогаш не запрел. Во меѓувреме не се реализираа ниту таканаречените семафори, со кои граѓаните можеа директно на шалтер да ја оценат услугата на службениците и на тој начин да го искажат своето (не)задоволство

И ПОКРАЈ МНОГУБРОЈНИТЕ НАЈАВИ ЗА ТЕМЕЛНИ РЕФОРМИ НА АДМИНИСТРАЦИЈАТА

По „продолжениот празничен викенд“, многу граѓани на социјалните мрежи се пожалија дека во понеделникот, на 23 мај, не можеле да ги завршат своите административни работи поради тоа што голем број служби на државно и на локално ниво си го споија викендот со празникот Св. Кирил и Методиј, кој се празнуваше во вторникот. Но, како што коментираат граѓаните, и тоа ќе можеше да се поднесе доколку во „редовните“ работни термини, администрацијата си ја врши работата. Уште попоразително е тоа што овие забелешки од граѓаните, дополнети со забелешките од стопанствениците, доаѓаат во време кога дел од државната и јавната администрација штрајкува за повисоки плати.
– Јас, која работам во приватниот сектор и ми се брои и одзема од платата секоја минута отсуство од работа, деновиве не само што бев вџашена од тоа што мојата познаничка, која работи во една од државните установи и притоа си тера голем број проекти од кои многу заработува, по петти пат во оваа година лета на одмор надвор од Македонија, туку што и во понеделникот, додека ги користам деновите од одмор, очекувајќи дека ќе има помалку метеж, тргнав да решавам некои проблеми со оставината, наидов на затворени врати на надлежните служби. Се прашувам зошто јас мора да работам, не само за нивната егзистенција туку и за нивниот луксуз – пишува револтирана скопјанка на една од социјалните мрежи.
А на речиси еднаков начин реагираат и стопанствениците, кои и покрај сите мултикризни тешкотии предизвикани од системските проблеми во државата, пандемијата на коронавирусот и од војната во Украина, сѐ уште чекаат властите да го реализираат ветувањето за трансформација на државните и јавните служби во вистинскиот сервис на граѓаните и на стопанството.
Дури и претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, деновиве, во својата колумна, меѓу другото, се повика на, како што вели, најновото анкетно истражување на Комората за проблемите со кои се соочува бизнис-секторот во постапките пред администрацијата.

– Истражувањето покажува дека повеќе од 60 проценти од анкетираните компании се среќаваат со пречекорување на законските рокови, непрофесионалност, нестручност, со неажурност, непочитување на пропишаното работно време, со сложени и долги постапки за концесии, нефункционирање на едношалтерскиот систем, но и со отежната телефонска и електронска комуникација. Роковите најчесто ги пречекоруваат Министерството за транспорт и врски, Управата за јавни приходи, Управата за имотноправни работи и Царинската управа – посочува Азески.
Според наводите на Азески, 40 отсто од анкетираните компании сметаат дека веднаш треба да се преземат дејства во процесот на дигитализација на административните услуги, 45 отсто од анкетираните компании сметаат дека треба да се востанови стручна и ефикасна администрација, 15 отсто од анкетираните компании сметаат дека треба да се примени системот на наградување и на казнување за да се подобри ситуацијата…
Во меѓувреме, невладината фондација за интернет и општество „Метаморфозис“ од Скопје, со поддршка на Националната фондација за демократија од САД, во текот на 2021 и 2022 година, го реализира проектот „Промовирање на отчетноста и транспарентноста на јавните реформи“. Извештајот е збир на факти и анализи за реформите во јавната администрација од втората половина на 2021 година, заклучно со крајот на март 2022 година. Тој е сочинет врз база на разговори со експерти, десктоп-истражување, истражување преку проверка на факти и анализи на медиумските проекти… Резимето од мониторингот за реформите во јавната администрација е следно:
– Стратегиска рамка има, проблем е нејзиното преоценување и дали ќе се запазат роковите за продолжување на основниот стратегиски документ.
– Клучни закони има, но нивното изменување и дополнување, односно обновување оди бавно, иако се подготвуваат две години. Освен ова, проблем е доцнењето со законот за реорганизација на органите на државната управа, како и законот за висока раководна служба, кој никако да го види светлото на денот.

– Ефикасноста на администрацијата останува проблем. Иако и во досегашните законски решенија се вградени модели за мерење на ефикасноста, тоа се спроведува формално. Со тоа, на некој начин е заглавен и системот на плати, кој според заложбите на извршната власт треба да биде менуван и тие да растат, но притоа ги потенцираат ефикасноста и мерењето на таа ефикасност кај администрацијата.
– Услугите на администрацијата се делумно подобрени. Порталот преку кој се овозможени е-услуги до граѓаните во последните 24 месеци има зголемување на понудата од 50 на 184 целосно електронски услуги, а за годинава се подготвуваат нови четириесетина услуги. Сепак, остануваат неколку нерешени прашања. Формирање на дигиталниот идентитет на граѓаните, дигиталната писменост на граѓаните, омасовување на електронскиот потпис и, конечно, имплементацијата, односно обуки на администрацијата за целосно прифаќање на е-документите што ги набавуваат граѓаните во рамките на институциите. Во целиот процес на е-услуги, останува проблематично и зголемувањето на бројот на таквите услуги кај единиците на локалната самоуправа.
– Иако има различни ставови за бројот на државните службеници и вработените во јавниот сектор, како клучни се наметнуваат атмосферата и квалитетот на вработените во администрацијата, а не бројот. А, сите извори што беа консултирани за овој извештај укажуваат дека атмосферата не е на завидно ниво (во голем дел тоа се должи и на ниските плати) и дека се јавува проблем при исполнувањето на задачите и од аспект на времетраењето на процесот и од аспект на квалитативноста на исполнетите задачи.
А што притоа прават надлежните за да го подобрат квалитетот на услугите? Во изминатиов период не се вршени оценувања на продуктивноста на јавната администрација, како што предвидува Законот за административни службеници. Таканаречените „семафори“, кои пред повеќе од една деценија беа поставени на шалтерите за оценување на администрацијата, во меѓувреме добија онлајн верзија, преку која, според најавите, граѓаните ќе можеа да го оценат квалитетот на работата на администрацијата со притискање на црвеното, жолтото или зеленото копче, но ниту тој владин проект не се реализира.

Во 2017 година беше формиран и Совет за реформи во јавна администрација, за чии активности во изминатиов период немаше никакви информации иако министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити, без да ги наведе постигнувањата во изминатиов период, неодамна најави подготовка на стратегија за реформа на јавната администрација (2023- 2030), потенцирајќи дека процесот на реформи во администрацијата никогаш не запрел. Но, и покрај сите активности, Владата досега не успеа да ги преброи вработените во јавниот сектор, така што тоа сѐ уште е предмет на слободни процени. Една од таквите процени дава и првиот стопанственик во државата, Азески.
– Во јавниот сектор имаме дури 1.332 институции, во кои се вработени повеќе од фантастични 144.000 лица. Овие податоци ја отвораат Пандорината кутија во Македонија, од која излегува буџет од 4,4 милијарди евра, за кој сигурно натамошните анализи ќе покажат дека е клуч за „силување на приватниот сектор“ од политизираната држава – напиша тој. Д.М.М.