Фото: Архива

Централната банка вчера одново ја зголеми каматната стапка на благајничките записи. Клучното прашање е дали по потегот на Народната банка, сега и комерцијалните банки ќе ги зголемат каматите на кредитите и како сето тоа ќе влијае на граѓаните

КАКО ПРЕВЕНТИВЕН ОДГОВОР НА РАСТЕЧКАТА ИНФЛАЦИЈА

Централната банка ја зголеми каматната стапка на благајничките записи како превентивен одговор на сѐ повисоките инфлациски очекувања. Народната банка на Македонија минатиот месец ја зголеми каматната стапка на благајничките записи за 0,25 процентни поени од 1,25 и таа изнесуваше 1,5 процент. Вчера Народната банка ја зголеми каматната стапка на 1,75 отсто, а реакцијата доаѓа како одговор на растечките инфлациски очекувања. Од Централната банка велат дека внимателно ги следат состојбите и работат на новиот циклус на макроекономски проекции, во кој ќе има сеопфатно реоценување на макроекономската слика и на поставеноста на монетарната политика.
– По промените во инструментот задолжителна резерва и зголемувањето на основната каматна стапка во април на 1,5 отсто, како превентивен одговор на нагорните движења кај инфлациските очекувања, на вчерашната седница на Комитетот беше одлучено да се изврши дополнително зголемување на каматната стапка за 0,25 процентни поени, на нивото од 1,75 отсто. Понудата на благајнички записи на денешната аукција изнесува 10 милијарди денари – посочија од Народната банка.
При донесувањето на ваквата одлука, надлежните споменуваат дека биле земени предвид најновите движења кај инфлацијата, која и во април забрза, како и влијанието на ваквите остварувања врз инфлациските очекувања.
– Одлуката за натамошно затегнување на монетарната политика се заснова врз оцените дека увозните ценовни притисоци се подолготрајни и посилни, што создава одредени преносни ефекти кај повеќе ценовни категории и дејствува врз инфлациските очекувања. Оттука е и потребата од монетарна реакција, и покрај надолните ризици за економскиот раст и за домашната побарувачка. Најновите податоци покажуваат дека инфлацијата, во април 2022 година, забрза и достигна годишна стапка од 10,5 отсто, што упатува дека оваа година инфлацијата ќе биде повисока од очекувањата според последните проекции – истакнуваат од Народната банка.
Сепак прашањето е дали и понатаму ќе имаа корекции на каматната стапка, односно затегнување на монетарната политика од страна на Централната банка и дали, по потегот на Народната банка, се очекува и комерцијалните банки да ги зголемат каматите на кредитите и како сето тоа ќе влијае на граѓаните.

– Дали ќе има понатамошни корекции на основната камата, односно, како што велиме, „затегнување на монетарната политика“, ќе зависи исклучително од тековните макроекономски податоци и очекувања во домашната и европската економија, со која имаме силни трговски и финансиски врски. Народната банка будно ја следи тековната состојба и ќе ги преземеме сите мерки и активности што ни се на располагање за одржување на нашата мандатна цел, а тоа е одржување на ценовната стабилност, а преку тоа и задржување на макроекономската стабилност – велат надлежните од Народната банка.
Оттаму додаваат дека поставеноста на монетарната политика ќе се разгледува на секоја наредна седница и дека ниедна можност не е исклучена.
– Кога станува збор за населението, нивното кредитно портфолио засега е со солиден квалитет. Минатата година имаше солиден раст на расположливиот доход на граѓаните, и номинален и реален, во услови на севкупно економско закрепнување. Иако очекувањата за економски раст во следниот период и во Европа и во регионот се намалени, сепак засега проекциите се во позитивната зона. Дополнително, кредитирањето е умерено и претпазливо, што севкупно ги прави корисниците на кредити помалку ранливи на случувањата, вклучувајќи и на ефектите од евентуално затегнување на монетарната политика – потенцираат од Народната банка.
Поранешниот гувернер на Народната банка, Петар Гошев вели дека зголемувањето на референтната каматна стапка на 1,75 отсто што го направи Народната банка е сигнално и добро одмерено за да се заштитат економската активност и монетарната стабилност.

– Најновата одлука на Народната банка за зголемување на каматната стапка на 1,75 отсто е второ зголемување во последниве два месеца и сметам дека ќе се одрази врз зголемувањето на каматите на кредитите што ги даваат комерцијалните банки, но дали би било тоа веднаш, останува да видиме – посочува Гошев.
Според Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, Народната банка нормално реагирала на зголемената инфлација и смета дека ова е најлесната „терапија“ за ублажување на инфлацијата.
– Се разбира дека ако ситуацијата со цените продолжи да станува посложена и инфлацијата се забрзува како резултат на очекувањата, тогаш Народната банка може да искористи некоја „потешка“ артилерија, како што е зголемување на задолжителната резерва на банките. Сите овие мерки се насочени кон намалување на кредитирањето и побарувачката за кредити. Ова, нормално, негативно ќе влијае на инвестициите и на економскиот раст – укажува Димитров.
Тој вели дека оваа прва мерка нема да влијае на зголемувањето на каматите на кредитите бидејќи нашите банки имаат добра ликвидност, но ако дојде до построги мерки, тогаш може и тоа да се случи.

– Треба да имаме предвид дека македонската економија е мала и ваквите мерки не можат веднаш да даваат резултати. Сите економски теории се засноваат на т.н. „целосна или потполна конкуренција“, што подразбира развиени пазари, како на стоки и на услуги, така и на финансиски пазари, што кај нас не е ситуација. Затоа, нашата економија најчесто реагира на сите потреси на големите економии што се наши партнери, како што е економијата на ЕУ. За жал, и таму се случуваат вакви потреси предизвикани од кризата со енергентите, растот на цената на храната и нарушувањето на синџирите на снабдување – појаснува Димитров.